Поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески и четворица вработени во општината ја злоупотребиле службената положба и овластување и му овозможиле на правното лице Пела Транс да се стекне со противправна имотна корист во висина од над еден милион и 250 илјади евра, тврди битолската полиција. Во периодот од 2012 до 2017 година, општината и доделувала на Пела Транс тендери за зимско одржување на улици и патишта, иако фирмата немала право да учествува во постапките заради неплатени даноци, а до комисијата доставувала лажна документација за финансиската состојба. Од друга страна, економските и техничките параметри во тендерите биле штелувани за Пела Транс да биде единствената која ги исполнува критериумите, велат од полицијата.
Полицијата против поранешниот градоначалник на Прилеп поднесе кривична пријава и во февруари годинава за местење тендери за набавка на масло за греење, а неколку кривични пријави притив Ристески има поднесено и прилепскиот огранок на СДСМ и адвокатот Жарко Стевановски. Основниот суд во Прилеп во август лани го осуди Ристески на парична казна или алтернативна мерка условна казна затвор во траење од три месеци бидејќи не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на општината.