Таканаречените „преговори за името“ се на пауза (следните преговори меѓу министрите за надворешни работи се планирани на 3 и 4 мај, а двајцата министри молчат пред јавноста) па поради тоа, дозволете ми да почнам со нешто што може на прв поглед да ви делува малку необично. Дали знаевте дека на планетава има четири (4) Кереци.
Ве молам да одвоите малку од вашето скапоцено време и размислете за тоа. Четири етнички Кереци. На целата планета. Веројатно ќе ме прашате – „А што е впрочем тоа Керек?“ “Не е ни важно“, ќе ви одговорам, „бидејќи се на пат да бидат целосно изумрени, па зошто да губиме време да дознаеме нешто за нив?“
Ако баш ве интересира, Кереците се (или, барем во моментов беа) етничка заедница во Русија. „Во текот на 20 век, Кереците безмалку целосно се асимилираа со народот Чукчи“, пишува доктор Википедија (каде исто така пишува дека постојат околу 16.000 Чукчи). Ви реков дека овој текст е по малку необичен, но тоа е затоа што сакам да потенцирам еден момент. А тоа е дека во минатото имало многу повеќе Кереци. А сега скоро и да ги нема. Зошто? Не сум потполно сигурен, но претпоставувам дека заборавиле кои се и што се; Дозволиле да бидат апсорбирани од друг народ.
Доколку овие разговори доведат до тоа да имаме ново „име“ за Македонија, тогаш, со текот на времето, македонскиот идентитет на Македонците ќе почне да бледнее, во почеток постепено, а потоа се побргу и побргу. Ова е факт поткрепен од историјата, а историјата е буквално преполна со групи на луѓе кои веќе не постојат. Како што идентитетот на Македонците ќе бледнее, така ќе се шири и расте идентитетот на други групи, што е и нормален исход кога една етничка група ја промовира својата култура, историја, јазик… Ова се случува со етничките Албанци во Македонија (и нивните собраќа во Косово и Албанија), со соседните Бугари кои инсистираат дека Македонците се Бугари, Грците си поставија за цел да го избришат секој спомен на идентитетот на етничките Македонци, Србите сметаат дека Македонија е всушност „Јужна Србија“ и сите тие продолжуваат да ги наметнуваат своите идентитети на сметка на забрзано намалениот македонски идентитет (ако ми дозволите еден груб американски израз – ќе го користиш или ќе го загубиш).
Од една страна, нема ништо лошо ако идентитетите на овие групи продолжуваат да се растат и развиваат на различни нивоа – тоа и треба да го прават етничките групи (иако во ЕУ мислат поинаку). Но, што се случува доколку една (или повеќе) идентитетски групи растат, а друга се смалува, особено ако делат заеднички простор? Што се случува кога нема услови на вакуум? Како што велат, „силата не толерира вакуум“.
Може да се рече дека, како што бледнее идентитетот на Македонците, така други идентитети агресивно ќе се шират во празниот простор. Ова пак ќе продолжи да ја слабее структурата на Република Македонија дотаму што, во некоја точка во иднината, или граѓаните ќе речат „дај да ја баталиме оваа работа“ и ќе ја поделат државата меѓу соседите, или пак соседите ќе си речат дека „нема поента и понатаму за ова да велиме дека е функционална држава на луѓе кои себеси се нарекуваат ‘Македонци’, па ајде да се здружиме меѓу себе и со меѓународната заедница за да ја поделиме“. Јасно е дека многу од овие погоре посочени држави и етнички групи би сакале да го видат – и да го реализираат – токму ова сценарио. Гледаме дека држави како Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Канада, Белгија и многу други се под закана од распад (можеби малку ги поедноставувам работите во врска со Канада, на пример, која сепак е главно унифицирана држава, но сепак има силен француски идентитет во Квебек).
Едноставна, а сепак многу длабока е вистината дека за нешто да расте, тоа мора да се храни. Но, важи и обратното – за нешто да се намалува, мора да се изгладнува одреден временски период, додека не изумре. За нашите идентитети е многу важно да знаеме и никогаш да не заборавиме кои сме и што сме, а тоа е клучно важно и за нашата безбедност како нации и како национални држави. Да се осврнеме кон мудроста на минатото. Џорџ Орвел напишал дека „најефективен начин да се уништи еден народ е да се негира и избрише неговото сеќавање за сопствената историја“. Рускиот дисидент Александар Солжењицин вели дека „за да уништите еден народ, мора да им ги пресечете корените“. А Милан Кундера, во „Книга за смеата и заборавот“ вели дека „првиот чекор кон ликвидирањето на еден народ е бришењето на неговото сеќавање. Уништете им ги книгите, културата, историјата… Наскоро таа нација ќе почне да заборава што е и што била“. Во Варшава, Полска, на почетокот на неговото второ патување во странство, претседателот Доналд Трамп му порача на полскиот народ и на светот дека „нашите непријатели се осудени на пропаст бидејќи ние никогаш нема да заборавиме кои сме. И ако не заборавиме кои сме, никој нема да може да не победи“.
Политичари, професори, тинк-тенкови и невладини организации во САД и во ЕУ со право велат дека е клучно важно Македонија да остане независна национална држава бидејќи тоа ќе ја засили регионалната стабилност. Но, во исто време, тие работат на тоа да се избрише македонскиот идентитет, што ќе го постигне токму спротивниот ефект. Јакнењето на идентитетот и одбраната на демократијата (и на националната држава) се два поврзани процеси. Во својата книга „Одбрана на идентитетот: Ненадоместливата улога на одбраната на демократијата“ Натан Шарански, израелскиот автор роден во Советскиот Сојуз, ги упатува своите читатели во неговата верба дека нашиот идентитет, како индивидуален така и на групите луѓе, е клучен во одбраната и заштитата на демократијата и слободата. Шарански вели: „Не само што силните идентитети се клучни за поединците кои сакаат да водат живот исполнет со смисол, туку тие се клучни и за подготвеноста на нашите демократски држави да ги браниме слободите кои токму ги цениме. Универзалниот квалитет на идентитетот му дава значење на животот кое е поголемо од самиот живот. Идентитетот, посветеноста во животот, се клучни бидејќи ја задоволуваат потребата на луѓето да бидат дел од нешто што е поголемо од нив самите. Демократијата упатува на цената на слободата; идентитетот ни дава причина да бидеме слободни… Без идентитет, демократијата е неподготвена да ги браниме своите вредности“.
Ова е долгорочната опасност со која е соочена Македонија. Владата може колку сака да го промовира својот план 3-6-9, но се додека преговара за идентитетот на македонскиот народ, сите други планови ќе и пропаднат.
Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк