3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Оџачарите против урбаната мафија

„Бидејќи нема оџачари, Град Скопје заедно со Министерство за труд и социјална политика, но и Агенцијата за вработување, ќе спроведе обука што ќе трае три месеци. Лицата што ќе се обучуваат ќе добиваат по 9.000 денари, а по завршувањето, освен сертификат, ќе добијат и материјали потребни за чистење оџаци“, рече Шилегов.
Господине Шилегов, ова е едно од многуте мали решенија околу оваа тематика, но проблемот е многу поголем. Урбаната мафија го затвори секој можен простор за провев и самопрочистување преку струење на воздухот. Градот Скопје во последно време е со тенденција за раст на населението. Повеќето граѓани од државата доаѓаат во главниот град поради поголемите економски и социјални придобивки, но за жал, без мерки за прочистување, загадувањето го достигна својот максимум и го направи градот Скопје еден од најзагадените градови во светот. За да може подобро да функционира големиот град најважен е неговиот транспортен систем. Јавниот транспорт е столб и неопходен услов за брз и удобен превоз во секој град, а воедно и една од можните солуции за решавање на проблемот со загадувањето. Единствениот јавен транспорт кој го имаме е автобускиот превоз, кој за жал сѐ уште нема систем за следење на автобусите во реало време и нема аудио-визуелно информирање на патниците. Бројни невладини организации од сферата на екологијата, животната средина и стручни работници од областа, веќе подолго време апелираат за воведување на шински јавен транспорт во Скопје, со кој трајно и континуирано би се решил проблемот со јавниот превоз и тоа исто така би придонесло за намалување на загадувањето во главниот град на Македонија.
Претходните градоначалници низ годините наназад најавуваа воведување на трамвај како нов вид градски транспорт во Скопје и тоа само во предизборните кампањи, се натпреваруваа кој ќе го спроведе тој специфичен проект кој сѐ уште е без успешна реализација. Колку што паметам постоеше пруга во Скопје, имаше готова траса за шински сообраќај низ срцето на главниот град, од населба Ѓорче Петров низ центрот, па се до населба Драчево. Таа пруга со електрични столбови ја отстранија и сега има милион автомобили и чад. Да останеше пругата сега ќе имавме и трамвај и шинобус и еколошки превоз. Кај нас изгледа е модерно да си правиме од готово вересија, или пак, е некаков вид на профитирање на одредени структури. Прашањето е чија идеја беше отстранувањето на пругите, каде се отстранетите пруги, кој профитираше и дали тие истите сега сакаат да ја вратат идејата за шинскиот јавен транспорт?

Автор: Јована Спасевска, член на УК на ГДУ

поврзани објави

Последни објави