Зошто Демократизација на општеството преку промена на изборниот модел?
Граѓаните на Република Македонија се заложници на две македонски политички партии и нивниот шеф (ДУИ) кои во изминатите 27 години се менуваат на извршното столче во Владата на Република Македонија.
За да седнат таму пак најголемите партии од македонскиот политички блок, прво како по обичај мора да исполнат некакви “права“ на некакви “дискриминирани“ граѓани, за да можела Македонија да биде држава на сите нејзини граѓани!
ВМРО-ДПМНЕ им дозволи многу. На министерското столче во одбрана седна некогашниот командант на УЧК Талат Џафери кои во воениот конфликт во 2001 беше на страната на терористите кои ја нападнаа Република Македонија. Груевски, за да ја одржи коалицијата нареди амнестија на хашките случаеви во Собранието на Република Македонија, која пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја гласаа заедно.
Од друга страна, СДСМ пак, исто така, и покрај критиките и обвинувањата за криминал упатени на адреса на ДУИ, наеднаш станаа браќа, а токму човекот (Бујар Османи) кој беше обвинуван директно од Зоран Заев за криминални зделки, денеска е вицепремиер за европски прашања во неговата влада. Потоа, тука е законот за двојазичност, кој беше побаран токму од партијата на Ахмети.
Оној кој ја следи македонската политичка сцена, како и случувањата на неа, ќе знае дека двете најголеми македонски политички партии се заложници во рацете на ДУИ и Али Ахмети.
Преку таквото заложништво, албанските политички партии сплотено и единствено доставуваат барања кои многу лесно се исполнуваат од страна на македонската страна, само и само за да се одржат на власт!
Единствениот спас од ваквата состојба е промена на изборниот модел, со што помалите политички партии во Република Македонија многу полесно ќе можат да се интегрираат во парламентот на Република Македонија, како претставници на граѓаните во највисокиот законодавен дом, а преку таквото учество и поголема контрола за носењето на ваквиот тип на закони со кои се доведува во прашање интересот на македонскиот граѓанин!
Преку промената на изборниот модел, од шест изборни единици во една изборна единица, ќе придонесеме за поголема демократизација на општеството, поголема вклученост на помалите политички партии во процесот на одлучување и носење на закони во највисокиот законодавен дом, но и дополнителна мотивација на политичките партии самостојно да се натпреваруваат на избори во Република Македонија.
– Премиерот Зоран Заев како прв човек на СДСМ да побара неговата партија максимално да се заложи за промена на изборниот модел
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како прв човек на најголемата опозициска партија да го поддржи процесот на промена на изборен модел и тој лично како прв човек на неговата партија да се заложи за што побрзо ова да биде поддржано од сите политички фактори во државата.
Пишува: Бранко Димитровски