Потребна е итна лидерска средба затоа што не се знае што договара Зоран Заев, не се знае на што се согласуваат, не се знае кои обврски ги преземаат. Цела македонска јавност е во доумица и е загрижена. Нема Македонец кој што не е допрен од ова и во моментот за жал имаме ситуација во која што единствениот извор на информации за сите нас како Македонија се грчките весници, рече Владимир Ѓорчев член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во денешното негово гостување во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.
Тој додаде дека ова е жална ситуација посочувајќи дека со ваквото однесување каде што владата на СДСМ не ја информира јавноста има основа за сомневање дека нешто се крие од граѓаните во Република Македонија.
-Цела оваа лакрдија е мачна која што и ја приредуваат на Република Македонија. Да не се лажеме сега со флоскули, со кажувања, факт е дека Македонија во последната година дена со овие неразбрани трговци кои што ги водат преговорите веќе нема црвена линија за ништо. Немаме црвена линија за ништо! И деца од 10 години знаат дека овие се влезени во аранжман да се прифати се живо на сите страни, додаде Ѓорчев.
Ѓорчев додаде дека дури и луѓето кои што гласале и ја поддржувале СДСМ се разочарале од катастрофални политики кои ги спроведувале сега од позиција на власт, посочувајќи го назначувањето на Џезаир Шеќири-Хоџа за советник за безбедност и борба против радикализмот на Зоран Заев.
-И Албанците рекоа што е ова? Зар нема млади надлежни Албанци кои студирале на оваа тематика. Од цела Македонија, го најдоа Џезаир Шаќири Хоџа да го направат советник, праша Ѓорчев.