Македонската демократија од конституирањето до денес помина низ неколку изборни циклуси кои беа реализирани низ разни изборни системи. Се почна со мнозинскиот систем за целата територија, потоа од 1998-ма со мешовитиот систем каде 20% од пратениците беа бирани низ пропорционалниот систем со затворени листи, со цел да се обезбеди сигурен избор на лидерите на партиите и нивните раководства, додека останатите беа избрани преку мнозинскиот изборен модел. По кризата од 2001-ва, беше воведен пропорционален систем со 6 изборни единици и со затворени листи. Таквиот изборен модел го зајакна бипартизмот а ги дефаворизира малите партии заради задолжителниот изборен праг, вели во изјава за „Поглед.мк,“ Александар Ружин, истакнат член на ЦО на Либерално Демократската Партија.
Веќе од 2008-ма година помалите партии почнаа да го дигаат гласот против асполутниот бипартизам на партиите во македонскиот и албанскиот блок. Денес ЛДП настојува да се избори за воведување на пропорционален изборен систем каде наместо 6 ќе постои една изборна единица за територијата на целата држава, додава тој.
Воедно се поставува и прашањето на отворените листи, односно електоратот да има право да го дава својот глас не само за водачот или првите подобро пласирани членови туку за инидивуите независно како се тие пласирани на листите. Тоа се смета за порамноправен и поадекватен изборен систем каде до израз ќе дојдат и помалите партии но и поспособните и најпопуларните политичари во една партија.