Денес во Франција беа одиграни четвртфиналните натпревари од Светското првенство во ракомет, по што познато е дека покрај домаќинот, во борба за медал ќе влезат уште Норвешка, Словенија и Хрватска.
Норвешка прва обезбеди пласман во полуфиналето, победувајќи ја Унгарија со 31:28, иако во текот на целиот натпревар имаа поголема позитива и победата ниту еднаш не беше доведена под знак прашалник.
Домаќинот Франција се намачи против Шведска, на крај славеше со 33:30, но често во средбата, особено во првиот дел „викинзите“ ја диктираа играта и резултатот.
Словенија на Веселин Вујовиќ без поголеми проблеми обезбеди пласман во четирите најдобри репрезентации во светот, откако го совлада Катар со 32:30. Словенците целосно имаа контрола на резултатот, во еден момент водеа и со девет голови предност, за на крај да му дозволат на противникот да намали до пристоен пораз.
Во последниот и најдраматичен натпревар, Хрватска со минимални 30:29 беше подобра од Шпанија. Натпревар во кој водството се менуваше на двете страни, но во самиот крај „коцкестите“ беа поприсебни и обезбедија полуфинале.
Полуфинални парови:
Франција – Словенија
Хрватска – Норвешка