Јазикот е обезбеден и признаен во својата изворна форма без никакви фусноти, придавки или додавки. Нашето државјанство е македонско, сега и во иднина, а државните симболи како што се химната, знамето и грбот нема да се менуваат, изјави денеска Павле Богоевски, пратеник на СДСМ, кој јавно ги повика денеска граѓаните да излезат на референдум и да гласаат потврдно за Договорот со Грција, за влез во НАТО и ЕУ.
„Со постигнатиот македонско -грчки договор, за прв пат во историјата на Република Македонија се нуди нај фер и најдобра шанса, историски гледано, за обезбедувањето на иднината на сите граѓани на Република Македонија. За прв пат, имаме шанса да навистина сами одлучуваме за сопствената иднината. Со прифаќање на Преспанскиот договор ние ги прифаќаме и неговите придобивки. Со овој Договор, македонскиот идентитет е зајакнат и заштитен еднаш -засекогаш!“, изјави Богоевски.
Со признавањето на овој договор, додаде тој, за прв пат се отвораат вратите за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, онаму каде што вредносно и цивилизациски припаѓа
„Поддршка на овој Договор и референдумското изјаснување, за иднината на Република Македонија е највисок патриотски чин. Затоа на 30 септември, храбро, масовно и достоинствено да кажеме ДА за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор. Да кажеме ДА за македонската иднина!“, порача тој.