Дури и денес иако сум возрасна жена со сопствено семејство, ги преживувам траумите од детството. Мојот живот е ист како на Пепелашка од бајките.
Мајка ми почина кога јас бев малечка, само што тргнав во училиште. Тие неколку другарки што ги имав постојано беа со мене или ме праќаа мене кај нив. Се преселивме 2-3 години со татко ми да живееме кај баба ми и дедо ми, а потоа татко ми зел кредит и купи стан. Претходно со мајка ми дур беше жива бевме кираџии.
Во тоа време јас ништо не разбирав што се случува, единствено многу ми недостигаше мама и се сеќавам на таа празнина, на тагата кај сите, на усилените насмевки, на сожалувањето кај другите…
Еден ден тато ми рече да се дотерам убаво зошто ќе ме шетал во Зоолошка градина и во парк. Тогаш за првпат ме запозна со неа. Беше љубезна, ми се смешкаше и неколку пати се обиде да ме фати за рака. Ја повела и ќерка си која беше една година постара од мене. ЗНАЕВ!!!
Колку и да бев мала, знаев во моето детско срце дека нешто не е во ред, дека татко ми со нејзе има некој посебен однос. Го знаев тоа и веднаш го почувствував по погледите кои си ги разменуваа меѓусебно. Па дури и зборуваа за мене ко да не сум присутна. Мојата идна сестра постојано ме закачаше, ми се потсмеваше за чорапите (никогаш нема да го заборавам тој бес што ми го предизвика) и ми ги крадеше смоките со кои ги ранев лебедите.
За кратко тие се зедоа и мојата маќеа заедно со ќерката се преселија кај нас. Таа не работеше, па татко ми често остануваше и подолго на работа за да земе прекувремени часови. Бев оставена на нејзина милост и немилост. Морав да ја викам МАМО а тоа многу тешко ми паѓаше. Мојата мајка беше на небото и нејзе ја повикував со тој збор, за мене беше незамисливо некоја друга жена да ја викам мамо.
Можеби нема да ми верувате, но еве иако сум возрасна жена додека го пишувам ова јас треперам. Мојата маќеа беше дури и полоша од маќеата на Пепелашка. Постојано ме тепаше и ме затвораше во плакар. Ќерка и нејзина постојано ми ги кинеше тетратките, ме скубеше, секој момент го користеше за да ми удри клоца или чврга… ова беше физичкото насилство. А за психичкото подобро да не почнувам. Постојано бев навредувана и омаловажувана. Трпев сè и сешто. Маќеата ме тераше да чистам сè, па дури и нивните алишта морав да ги диплам и да го местам креветот на “сестра ми”.
Не ми е јасно зошто татко ми тогаш тоа го дозволуваше. Ниедно дете не смее да биде малтретирано така како што бев јас. Бев тинејџерка кога се обидов да си го одземам животот. Сакав да заминам кај мајка ми.
Тогаш за првпат се сретнав со психологот на кој му го должам животот, зошто иако ме спасија, бев цврсто решена следниот пат да ми биде успешен. Имав чести сеанси и долги разговори и благодарение на тоа јас денес еве дишам и сум успешна жена и мајка.
После мојот обид за самоубиство се преселив кај тетка ми која ја негуваше залегнатата баба, па и јас помагав. Татко ми често доаѓаше да ме посетува, некогаш плачеше, некогаш ме молеше да се вратам, некогаш само молчеше. Но никогаш не ми одговори зошто тоа малтретирање го дозволи. Со време посетите проретчија, односите ни заладија. Денес тој е починат, а јас уште се влечкам по судови со маќеата, претпоставувате зошто.
Туку, гледам во денешно време многу бракови со деца се растураат, се премажуваат, се преженуваат. Не знам дали ќе се роди уште една таква како мојата маќеа, но искрено ги жалам сите дечиња што мора да растат без своите родители. Сигурно има и добри маќеи кои се грижат за своите посинети деца, но дали ги сакаат еднакво како и своите? Еве, и јас сега кога сум родител, размислувам: дали би можела да сакам некои туѓи деца еднакво како своите?
Ве молам моето име да не го објавувате, иако многумина што ме познаваат ќе ме препознаат во приказната. Ви благодарам за времето и просторот.
И.П.
Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е авторски и е превземен со одобрение од порталот Галама