Во Кривичниот суд денеска продолжуваат сведочењата за настаните на 27. април во Собранието лани, а еден од сведоците е и обвинетиот за убиство на пратеникот Зијадин Села, Никола Војминовски.
Тој кажа дека на протестите почнал да учествува откако контактирал со роднина, но и со заменик министерот во МВР во техничката влада Оливер Андонов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како и со лице по име Љупчо кој, како што кажа, е вработен во МВР. Во неговото сведочење тој откри комуникација со пратеници, како и дека лица од обезбедувањето на екс премиерот Никола Груевски, кој во тој момент беше во Виена, биле во Собранието. Од разговорите кои ги слушал пред 27 април, сведокот посочи дека било планирано претседателот Ѓорѓе Иванов да прогласи воена состојба и да апси, пренесува „Плусинфо“.
– Претежно протестите беа мирни каде приметив една отстапка. Тоа беше средба помеѓу господин со брада и црна коса во еден ќош спроти Владата на Република Македонија кој разговараше со господинот Оливер Андонов во кој што разговор слушнав „Не е проблем, продолжете вие како сакате. Но јас ќе ја известам јавноста за вашите средби”, со некои со девојки бидејќи имал снимки – рекол Војминовски.
Тој раскажал дека пред Собранието се почнало вообичаено како и секој ден откако во еден момент народот на мобилните телефони видел дека се избира Талат Џафери за претседател за што завладеал голем револт.
– Бидејќи имав болки од претходна операција, се упатив кон моето возило кое беше паркирано кај Камениот мост. Како што се движев по патот, ми пристигна повик од господинот Љубен Арнаудов пратеник, кој го познавав претходно преку мојата братучетка. Бараше некое лице со зборовите: „Каде сте, што правите? Ајде влегувајте. Не се вратив назад, продолжив да си одам оти требаше да се видам со девојката. Следеше уште еден повик од Дарко кој ми рече: „Абе брат кај си, овие влегоа внатре?”. Јас на тоа почнав полека да се движам спрема Собранието.
Се упатив спрема пленарната сала. Во еден момент го приметив господинот Сашо Василевски, пратеник, кој исто го познавам од претходно. Го прашав што се случува, но тој ми рече: „Оди те вика господинот Арнаудов”. Му пријдоа на Арнаудов и го прашав што е ова, хаос е и како да излезам. Не слушнав некој одговор само ми покажа некој правец каде имаше лица со радио врски, оружје, значки. Како што ги познавам тие се лица дел од обезбедувањето на бившиот премиер Никола Груевски. Имаше и маскирани лица со нив кои го трасираа патот до салите – рече Војминовски.
Одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Рускоска, сведокот рече дека и претходно имал комуникација со пратеникот Арнаудов, а откри и дел од разговорите помеѓу пратеникот и Оливер Андонов.
– Имаше средби. Едната се случи пред Собранието. Господинот Арнаудов беше потпрен на оградата во тој момент со мене беше и Оливер Андонов и некои други лица. Имаше разговор помеѓу Оливер и Арнаудов дека единствено решение на тие случувања е токму тоа што се случи на 27 април, а тоа е дека ќе ги отворат вратите на Собранието и толпата да влезе внатре. И тоа и се случи. Исто така и дека претседателот на Република Македонија ќе прогласи воена состојба и ќе бидат уапсени одредени лица – рече сведокот.