Пратеникот обвинет за „Крвавиот четврток“ Љубен Арнаудов, денеска беше ослободен од домашен притвор. Ова е втор пратеник обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок, кој доби право да се брани од слободата, по вчерашната порака на премиерот Зоран Заев, за потреба од национално помирување.
Апелациониот суд ја донел одлуката по жалба на Арнаудов, кој понудил гаранција дека нема да бега, во износ од околу 300 илјади евра.
Во куќен притвор останува само пратеникот Крсто Мукоски, откако претходно од куќен притвор беше пуштен Сашо Василевски.
Арнаудов, по денешното рочиште за случајот „27 април“, рече дека уште во јули имаат поднесено барање со кауција, така да останува да се произнесе судот.
Прашан дали би гласал за уставни измени во замена за амнестија, Арнадуов рече дека засега нема размислувано.
„Засега немаме ништо размислувано, ама секако ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија и македонскиот народ“, рече Арнаудов.