Барселона ја победи Севилја и го освои првото место, но сè остана во сенка на повредата на првата ѕвезда Лионел Меси, кој го повреди лактот на раката и сега поради таа повреда ќе мора подолго да паузира.
Иако првите проценки беа дека можно е да се работи за пауза од седум дена, од Барселона вечерва потврдија дека повредата е потешка и стравувањата на навивачите се обвистинија, дека Меси ќе ги пропушти трите клучни мечеви – со Реал Мадрид во „ел класико“ идниот викенд, како и двата меча со Интер во Лигата на шампионите.
За жал на навивачите, Барселона објави дека поради повредата Меси ќе мора да паузира три недели, по повредата која ја здоби на средина од првиот дел од мечот со Севилја. Тоа значи дека покрај трите клучни мечеви, нема да игра ниту со Леонеса во Кралскиот куп, како и со Рајо Валјекано и Бетис во Ла Лига.