Додека поединци им завидуваат на оние кои можат да си приуштат крстарење на луксузни крузери, јавноста секогаш се шокира кога произлегуваат извештаи или снимки од диви забави или оргии од овие патувања. И додека тие сведочат за арогантното однесување на гостите, зад сончевите палуби и ресторани се одвива скандалозаен живот на работниците на бродот.
Иако на прв поглед делува дека животот на брод се одвива совршено, каде луѓето уживаат во убавото време и посетуваат прекрасни локации, сведочењето на поранешните работници на бродот зборува поразлично.
“Барот за персоналот е единственото место кое можете да го посетите навечер, а со оглед дека пијалакот чини помалку од два долари и не е така лош избор. Вечерите ги поминував додворувајќи им се на келнерките или танчерките”, напиша поранешниот работник на бродот на Редит.
“Тоа е мал микрокосмос, сите имаат секс, а кога луѓето ќе влезат во врска, тоа го нарекуваат “работа на бродот” и никој не очекува таа врска да продолжи откако ќе Ви заврши договорот за работа на бродот”, додаде друг работник.
Додека станува сосема нормално членовите на персоналот да спијат едни со други, линијата се повлекува кога станува збор за спиење со гостите, пренесува Дејли Меил.
“Спиењето со гостите е строго забрането. Три години работев на брод и за тоа време тројца мои пријатели беа отпуштени поради овој прекршок”.
Кетрин Чепмен од Бризбејн со години работела на брод, а после долги години со бурни ноќи, лаги и скршено срце, одлучи да напише роман инспирирана од лудото време.
“Кога имав 22 години, почнав врска со член на персоналот, за кој сметав дека е прекрасен и секогаш се смеевме. Еден ден во неговата кабина погледнав фотографија од жена со две деца и сфатив дека е оженет и дека неговото семејство пристигнува на брод следната недела”, напишала Чепмен.
На бродот се случувале многубројни неверства, луѓето ги изневерувале своите партнери кои сметале дека работат. Имало случаеви кога вработените живееле во кабината со девојките, а кога нивните сопруги ќе пристигнеле на брод ги отселувале и живееле со сопругите две недели како ништо да не се случило. После заминувањето на сопругите, тие продолжуваат со аферите.
Чепмен истакна дека мажите ги оправдувале нивните постапки наведувајќи дека нивните сопруги го прават истото дома. Таа додала дека луѓето биле по малку луди, бидејќи по 10 месеци и повеќе биле затворени на брод со истите луѓе, но не ги оправдува нивните постапки.