-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Каде сте генерацијо?

Каде сте генерацијо, каде сте пријатели? Шетам, ве барам низ град, по дискотеки, барови, збутани андерграунд места, ве нема…Ве гледам само на Facebook, во гужви дека ќе се видиме од понеделник, дека сте фатиле цури и момчиња и како да потонавте под скопскиот асфалт што заедно го газевме, го величевме, го повраќавме…

Каде сте генерацијо, каде сте вие што искачавме во Булевар, во Елемент, каде што заедно игравме со Север домецот, каде што мушките беа ДРИМ ТИМ на Кице и Ивица, девојките се делеа на ФАРД и ACID WEAR, каде што се играше на РАЦЕ ГОРЕ, каде што се лапаше на ѕидот до WC-то, каде што после одевме на јадење во Мекдоналдс и се зимаа мобилни бројчиња за да и испратиш СМС со последните 5 денари…

Каде сте генерацијо, вие што искачавте во АМГ и БЕНЕТОН на кафе, во Амати на палачинка, во Лулу лептокарија, во Милениум на Ким автобуската, во Ла Фабрик кај Фреди, во Шевињон во ГТЦ, вие што го имате фатено старото Колосеум…вие што ги делевте луѓето на кремци од ЈБТ, на гикови од Корчагин, на дрводелци од Ѓорѓи, на тие од Карев,Орце и Борис…каде сте генерацијо?

Каде сте генерацијо, вие што искачавте во Маракана,што го слушавте вистинскиот Пеце,тие што се палеа на Леа од Funky Panks, што здивот запираше на младата Светле од Eye Cue, што пиевте во парк со гитара, што пиевте вино со степ лајт, што се јачевте на МЗТ и РАБОТНИЧКИ, тие што ја вртеа SNAKE на NOKIA 3310, тие што одевте летно време во Охрид во Планет, тие што седеа на сепариња, што се „опуштаа“ на маалските клупи.

Каде и да сте генерацијо, држете се…. некогаш застани, потсети се на маалските, испиј едно пиво со нив, пиши му на оној кој ти ја наместил првата девојка, не ја врти главата на спомените, пружи му рака на оној што мислиш дека го знаеш од тие денови, насмеј се пријателе, кажи му БЛАГОДАРАМ на СКОПЈЕ што ти го пружи тоа…Каде и да сте генерацијо, НЕ ДАВАЈТЕ СЕ, треба да му се одолжиме на Скопје на ваков или онаков начин!

поврзани објави

Последни објави