Не слушам, не гледам, не зборам…самоинцијативноста е сведена на сибирски температури, пасивноста царува, активноста е заборавен термин и избришан од сите речници.
Секојдневно сценарио: Школо или факс ради реда, да се положи нешто или да се каже дека се прави нешто во животот, безделничење по кафиња и кафани, барање гратиси, вртење на ИСТИТЕ и ИСТИТЕ муабети кој со кого, каде ќе шетаме вечер, средување на паковка за 500че, покер, коментирање на утакмици ко да ти го сменат животот, бистрење политика, спортски БИЛТЕН, непродуктивно дремење на фејсбук, зјапање во ефтини ТВ шоуа, искажување креативност само преку досетки и статуси, барање начини на брза заработка…се пронајдовте во 40% од нив? Епа ако се пронајде пријателе, тогаш го наеб*вме!
Без навреда, но сите сме дел од ова…сите наеб*вме! Се прашувам каде се луѓето кои го движеа интелектот во Скопје? Каде се Корчагинци и нивните револуционери со списанието „Визија“? Каде се кремците од ЈБТ кои диктираа што е тренди во Скопје? Каде се тие младичи од Карев и Орце кои ги поставуваа стандардите за добра музика? Каде е младата маса од Кастро која го креираше андерграунд движењето во Скопје со неверојатни настани и разновидност во градскиот живот?
Не плачеме по нешто во минатото, но навистина не ми е јасно во што е претопена оваа маса? Дали постанаа толку инфериорни во однос на неукиот демос? Зарем се задоволија со скромни работни места и никаква граѓанска инцијатива? Зарем Скопските гимназии веќе не произведуваат кадар на ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ кои ќе ја диктираат економијата, политиката и културниот живот во главниот град? Зарем се задоволивме дека го креиравме ТВИТЕР како „Game of Thrones” помеѓу тие што имаат ставови?
Се плашам за моето дете што ќе расте во вакво Скопје. Јас би го воспитувал да биде бунтовник, да има свој став, да слуша прогресивна музика, да се пронајде самиот себе, да мудрува со филозофиите на Хјум и Декарт, да биде дел од граѓански асоцијации што истовремено ќе го исполнуваат него и општеството…но како тргнала работата, тие луѓе се осудувани, за тие луѓе се дига хајка ко лов на вештерки, тие се веќе „истребена“ раса…
И пред да почнеш да хејташ дека „ванаби“ колумнистов се прави паметен, запрашај се кога последен пат си придонесол некако за твојот град, со твоите подвизи, со било каков потег. Ние ја креираме средината каде живееме, а доколку сакаш да живееме каде што национален јунак ни е Аца Лукас, главни вести ни се за газот на Кардашијан и приватните слики на некоја јавна личност, тогаш брат ЈАС ќе ти се спротиставам ко во ринг! Може не сум најпаметен, може не сум најчитан, може не знам најдобро да пишувам, но барем ќе се обидам да ја одбранам честа на моето СКОПЈЕ!
Не се прашувај што може Скопје да направи за тебе, прашај се себе си што можеш ти да направиш за Скопје!