Голготата за студентите во Студентскиот дом „Стив Наумов“ продолжува и понатаму. И покрај бројните апели од студентите кои живеат таму, од надлежните нема промени кои би придонеле за пристоен живот на речиси 1.200 студенти.
Скршени врати и прозори, уништени и руинирани тоалети, лебарки за цимери и ужасна храна е дел од секојдневнието на поголемиот дел од студентите кои се сместени во СД „Стив Наумов“, за кои како што велат самите тие, време е јавно да ги кажат своите проблеми и конечно да дојде до решение на нивните маки.
Студентите со кои разговаравме велат дека влагата и печурките се секојдневие во просториите во кои тие се сместени, креветите се искршени, а при врнежи најчестиот резултат се токму раскиснатите тавани над нивните кревети. Тие додаваат дека СД „Стив Наумов“ има нови бараки кои беа пуштени во употреба пред три години, но како што велат самите тие, од 1.200 студенти во студентскиот дом, само 140 живеат во новите павиљони.