Европската унија ќе го изгуби кредибилитетот, консолидацијата и нејзината улога доколку не одреди датум за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија, е заедничката оценка од поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ и на Словенија Данило Тирк, како и на експремиерката на Хрватска Јадранка Косор и поранешниот претседавач на Советот на министри на БиХ Златко Лагумџија.
Тие учествуваат на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, што се одржува денеска во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија Бранко Црвенковски и Подгоричкиот клуб.
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски рече дека ЕУ ќе покаже дека нема визија ако не ѝ даде датум за преговори летово на земјава.
– Доколку ова лето не добиеме датум за преговори за мене тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамките на ЕУ и не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата ЕУ и целиот европски континент, рече во обраќањето поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Недобивањето датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување, но и сериозно нарушување на клредибилитетот на ЕУ и на македонската Влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата земја, потенцира Црвенковски.
Прочитајте повеќе на Фокус ОВДЕ