Сопственикот на ресторанот „Ла Страда“ во Прилеп синоќа бил повикан во полиција да даде исказ по пријавата поднесена од фудбалерот Езџан Алиоски и неговите роднини дека биле избркани од кафулето само затоа што говореле албански, извор Нова ТВ.
„Со Алиоски и еден наш другар седнавме во кафе-барот „Ла Страда“ во Прилеп. Меѓу нас почнавме да зборуваме на германски. Порачавме минерална вода и се беше во ред. Можеби помислија дека сме туристи. Пет минути подоцна се јави таткото на Алиоски да праша каде сме за да ни се придружат. Со него зборувавме на албански и во еден момент дојде келнерот и ни рече дека треба да станеме. Наводно се било резервирано, а терасата надвор беше празна. Вакво нешто досега ми се нема случено никаде. Нè фати нервоза и станавме. Дојде газдата, прашуваше што се случи и кога дозна дека гостин е фудбалерот Алиоски се извини и ни рече можете да останете на што му возвративме дека е доцна. Не може така“, изјави за Нова ТВ, Фикрет Алиоски, братучед на фудбалскиот репрезентативец на Македонија.
Тој додаде дека со целото друштво, по непријатната сцена, го напуштиле локалот, како што вели засрамени од погледите на останатите гости на расправијата.
Оливер Николоски, еден од сопствениците на ресторанот „Ла Страда“ во полиција изјавил дека се работело за недоразбирање.
„Претходно во тек на денот направивме резервација на неколку маси за група моторџии од Кавадарци кои наминуваат во нашиот објект штом ги носи патот во Прилеп. На една од нив беше седнат и фудбалерот Алиоски со свои луѓе. Им беше речено дека ќе треба да сменат маса, бидејќи на таа што седеа и уште неколку за пола час ќе дојдат најавени гости. Ниту им беше речено да станат веднаш, ниту беа навредени, ниту беа избркани. Но, веројатно поради тешкиот говор и зборување на македонски, дојде до недоразбирање, па укажувањето дека треба да се преместат го сфатија дека треба да заминат. Трипати се извинив, но беше залудно.
Ниту како човек ниту како сопственик на објектот не сум имал проблем со националност на гостите“, рече Николоски за Нова ТВ.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) „го осуди говорот на омраза кон Алиоски“.
„Ние како Федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата! Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит! Уште еднаш сакаме да порачаме – Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување“, велат од ФФМ.
Федерацијата ги повикува институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, за тие никогаш да не се повторат.
Извор: Нова ТВ