Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, беше гостин во ТВ НОВА каде што зборуваше за актуелната политичка состојба, преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но и за периодот пред изборите.
Груевски смета дека многу странски фактори влијаеле за резултатот на СДСМ, за кој вели, дека бил еден обичен инструмент во целата политичка игра.
Тој додаде дека е подготвен да отиде и во опозиција доколку СДСМ ја прифати платформата на Албанските политички партии.
„Како опозиција ќе направиме се што е во наша моќ да не се прифатат во Парламентот, барања, кои се штетни и за Македонците, но и за Албанците“, рече Груевски.
Груевски зборуваше и за барањето за двојазичност. Тој вели дека тие им кажале на ДУИ, дека барањето за двојазичност е нелогично, во држава во која Македонците се 65 отсто, а Албанците 25 отсто.
„Албанските граѓани претежно живеат во Западниот дел на државата, таму веќе имаат одредени права за употреба на јазикот, кога и претходно се одредени, како нешто што треба да го има“, вели Груевски во интервјуто на ТВ НОВА.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие неможеле да разговараат за платформа која е потпишана и од други политички партии, која е потпишана во друга држава. Со платформата, како што вели самиот тој, се бара репреговарање на Охридскиот рамковен договор.
„90 проценти од нашите разговори со ДУИ беа за јазикот, користењето на албанскиот јазик. за кој што јас немам ништо против, ниту пак имам против албанците во Македонија“, вели Груевски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за Албанците е подобро да имаат вработувања, подобро здравство, образование, подобро земјоделие, поголеми плати, пензии, подобри можности за помладите. Тој вели дека сакаат да им помогнат и за употребата на јазикот, кога тоа ќе биде логично барање, а не со понуди кои ќе направат штета и проблеми на секојдневието.
Груевски имаше и јасна порака до ДУИ, доколку го прекршат принципот „победник со победник“, велејќи дека ако сега се наруши овој принцип, тој што ќе дојде во штабот да му бара коалиција по овој принцип, ќе го истерал на клоци.