-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Вреди да се посети: Најстариот манастир во Скопје оживува со монаси

Се враќа монашкиот живот во еден од најстарите манастири во околината на Скопјe, манастирот „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези, кој со години е главна атракција за странските посетители. Се очекува тој да стане уште едно монашко светилиште на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Манастирот, кој во поновата историја беше познат како ресторан каде што се правеа свадби и веселби, сега го враќа вистинскиот дух на црковен духовен центар во скопската околина.

Откако беше изграден комплексот „Македонско село“, а со тоа и дислоциран ресторанот од манастирот, Синодот на МПЦ ја почнал иницијативата за заживување на овој манастир, како вистински духовен центар со монашко братство. Засега е обновен само еден конак и во него се сместени еден монах и четворица искушеници.

Според црковни извори, предвидено е манастирот и понатаму да остане отворен за посетители, односно ќе биде манастир од отворен тип.

Целта е негова целосна обнова и воспоставување машки монашки ред. Манастирот „Свети Пантелејмон“ се наоѓа во Скопската епархија, но е под надлежност на Синодот на МПЦ-ОА. Според неофицијалните статистики на МПЦ, во земјата има речиси 200 монаси што живеат во братства и сестринства. Најмногу монаси има во Бигорскиот манастир, Дебарско, како и во манастирите низ Струмичката епархија.

Според теолозите, монаштвото претставува светла точка од развојот на една жива црква. Тоа е извор на духовноста и во случајот за МПЦ значи крвоток на црквата, односно еден од нејзините најважни темели.

„Свети Пантелејмон“ е историско богатство

„Свети Пантелејмон“ е една од ретките цркви зачувани во оригиналната форма од нивната изградба. Манастирската црква е градена од византиската династија Комнин во 1164 година, односно од принцот Алексеј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј Комнин. Фреските во оваа црква се вистинските предвесници на западната ренесанса, речиси два века пред фреските на Ѓото во Падова. Двете значајни фрески ,,Оплакувањето Христово“ и „Симнувањето од крстот“ се врвен дострел на византиското сликарство.

Црквата, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. Првото оштетување на црквата се случило од земјотрес во 1555 година, но манастирот бил целосно зачуван. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во изградените конаци во манастирот можеле да живеат десетина монаси.

поврзани објави

Последни објави