6.8 C
Skopje
Sunday, December 1, 2024

Бог нека ни ја сочува татковината – Со „Видовдан“ не се слави независноста на Македонија

Косовског боја остаје истина, ко да ми отме из моје душе Косово. Вака гласи текстот на песната „Видовдан“ на кој многу Македонци се палат и кршат чаши и шишиња по кафеани. Патриотите на дување кои пишуваат дека се ни е украдено од соседите, кои ги мразат бугарите, упс извинете татарите од дното на душата, кои немаат ниту грам познавање на вистинските историски факти, кои немаат ниту еден аргумент кога ќе седнат да разговараат за историјата, освен да те плукаат бидејќи со твоите ставови претставуваш непријател на нивната татковина, утре или вечерва ќе го слават денот на независноста на Република Македонија.

Да! Ние Македонците утре го одбележуваме денот на независноста на Република Македонија! Истата таа Република во која мнозинството граѓани на анкета од Макфакс одговориле дека е создадена од Јосип Броз Тито, вечерва ќе одбележува ден на независност на државата. Истиот овој ден лани во македонска кафеана седејќи со пријатели едвај успеавме да издејствуваме да се свири некоја македонска песна. За жал, музиката во кафеаната 90 % од вечерта беше српска, а луѓето уживаа во песните од изведувачите на нашите северни соседи. Кога ќе се присетам, не само во кафеаната, туку и во самите објекти каде што имаше македонска свадба, ечеше српска музика.

Драги мои. Денот на независноста не се слави само површно на збор, туку и на дело! Денот на независноста не се слави со „Видовдан“, туку се слави со македонски песни и ора!

Како очекувате да не почитува светот, кога ние самите не се почитуваме и не си ги вреднуваме нашите традиционални песни и ора, така како што ни доликува, како македонци. Македонецот е лут на Бугарија, Албанија, Америка и на сите други кои стапнаа овде низ годините. Некако не се налутија само на браќата од Србија. Тие им се погодени и само со нив немаат никаков конфликт, без разлика на тоа што истите на пример не ни ја признаваат црквата и не нарекуваат срби со говорна маана. Тоа на нас некако и како да ни годи. Нормално, не на сите, туку на оние кои рака креваат кога ќе се спомне Тито, Југославија, Србија или пак Косово. Да да, оние кои со жар ја пеат Видовдан. Ние овде во Македонија имавме обнова на српскиот офицерски дом, милитаристички дом, објект на окупациона војска која малтетирала и убила илјадници македонски граѓани. Замислете, на својот окупатор му го обновивме милитаристичкиот објект, се направи договор за обновување на Зебрењак, споменик на српската окупација во Македонија, а никој во Македонија нема напишано една реченица на таа тема. Тоа значи дека ние веќе мислиме на тој начин и тоа апсолутно не ни смета. Гневот затоа си го исфрлуваме нели на Бугарите, Албанците, Американците и сите други, но не и на Србите. Нив не смееме да ги чепнеме. Тоа е проблемот на македонската нација и нашиот идентитет денеска. Тоа е за жал нашата реалност денеска и се дури живееме во тој филм, се повеќе ќе бидеме понижувани како нација и ќе бидеме за потсмев во целиот свет.

За крај да искористам дел од честитката упатена од Братството на Свештената Бигорска обител: Вечен им спомен и слава на сите македонски родољупци и слободољупци. Бог нека ни ја сочува Татковината вечна и нека им вдахне родољубие на сите наши политичари.

ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА!!!

поврзани објави

Последни објави