Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, преку својот официјален профил на „Фејсбук“ распали по поранешниот министер од СДСМ и генерален секретар на оваа партија, Ѓорѓи Спасов. Реакцијата на Ахмети, како што пренесува порталот „Тетова Сот“, е за недоличната содржина што Спасов ја објавил на социјалните мрежи, при што упатил навредливи зборови до лидерот на ДУИ.
Статусот на Ахмети го пренесуваме во целост:
„На 10-11 мај 2003 година, организацијата ПЕР (Project on Ethnic Relations) организира една конференција за поминатите шест месеци од првата меѓуетничка коалиција во Македонија, поканувајќи претставници од политичките партии и од меѓународната заедница во Маврово.
Меѓу поканетите бев и јас. Голем впечаток ми остави коментарот на претседателот на ПЕР, господинот Ален Касоф, за еден од поканетите на вечерата помеѓу гостите.
Господинот Касоф му кажа на овој пратеник дека го познава од некаде и дека се сретнале некогаш порано, но на пратеникот не му текнуваше за таа средба иако ги смени изразот и бојата на лицето.
Пред присутните господинот Касоф раскажа дека оваа личност ја сретнал за време на една непријатна средба со Слободан Милошевиќ во Белград и дека никогаш нема да го заборави лицето на овој македонски пратеник. После средбата со Милошевиќ, гостите од меѓународната заедница, меѓу кои бил и Касоф, го прашале овој човек за патот до хотелот, при што тој им дал погрешни насоки и наместо кон хотелот, ги упатил кон зоолошката градина.
Господинот Касоф му кажа на пратеникот дека никогаш нема да го заборави неговото лице токму поради стравот што му го наметнале криците на животните од зоолошката, односно поради лажните насоки на овој човек.
Овој лажго, соработник и истомисленик на Слободан Милошевиќ беше токму Ѓорги Спасов, кој денеска ни се претставува како интелектуалец и модерен и сака со ниски навреди, без капка човечка и семејна воспитаност, да влијае врз јавното мислење или да се направи „интересен“ како задоцнет адолесцент кој го пропуштил и општествениот и политичкиот воз.
Ја раскажав оваа приказна почитувани пријатели затоа што вистината го има започнато својот пат и треба да излезе на виделина, за секој од нас, а особено за ваквите лажговци.“
Ова е одговорот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети откако претходно Спасов на својот фејсбук профил објавил виц за лидерот на ДУИ, а во кој ја споменува и неговата сопруга.