Официјални лица од државниот транспортен орган на Дубаи најавиле дека до јули оваа година ќе имаат летечки таксија кои ќе можат да пренесуваат патници со брзини до 60км/ч, на височина од 300 метри.
За таа цел, планираат да ги користат возилата наречени EHang 184, кои се еден вид на автономни дронови кои можат и да лебдат во воздухот.
Идејата е патниците самите да ја програмираат нивната дестинација пред почетокот на летот, и таксито само, без пилот, ќе ги однесе до неа.
Инаку, EHang 184 кој е направен од истоимениот кинески произведувач на дронови, се развива уште од 2013-та, а бил претставен оваа недела на самитот на светските влади во Дубаи. Се работи за малечок електричен квадкоптер напојуван од 8 пропелери кој може да носи по еден патник, висок 1.5 метри со тежина од 200kg. За потполно да се наполни батеријата, потребни му се 2 часа, а како такси би патувало до дестинации на далечина од најмногу 16km, што би било еднакво на получасовен лет.
EHang ќе има и команден центар со луѓе кој ќе функционира слично на контролата на летање на аеродромите, кои ќе се грижат за ништо да не појде наопаку со тоа што секој дрон ќе се контролира 24/7.
Државата неодамна објавила планови со кои до 2030-та год. четвртина од јавниот превоз би се состоела од автономни возила, а исто така и потпишала купување на 200 автономни таксија од Tesla.