Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, денес коментирајќи го приведувањето на дописникот на германскиот весник „Велт“ во Анкара, рече дека Турција како земја кандидат за членство во ЕУ треба да ги почитува демократските стандарди на заедницата, вклучувајќи ја и слободата на медиумите.
„Ние внимателно ќе го следиме развојот на случајот и на другите предмети на приведување новинари во Турција. Ние повеќепати сме повторувале дека Турција треба да ги почитува највисоките демократски стандарди на ЕУ, вклучувајќи ја и слободата на медиумите, која е појдовна основа на секое демократско општество“, посочи портпаролката.
Во електронското издание на весникот „Велт“ претходно се појави информација дека дописникот на весникот е приведен од турската полиција под сомнение за учество во терористичка организација, неправилно користење на податоци и терористичка пропаганда.
Според податоците на весникот, 43-годишниот репортер Дениз Јуџел, кој има германско и турско државјанство, претходно бил баран во врска со расветлување на случајот со хакерските напади на електронската пошта на турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак.
„Велт“ прецизира дека на 14 февруари новинарот бил распрашан во полициската управа во Истанбул и дека бил претресен и неговиот дом, додека пак, американските медиуми ренесуваат дека германското Министерство за надворешни работи изразило надеж дека предметот ќе биде разгледан „во согласност со владеењето на законот“.
Главниот уредник на „Велт“ ја истакна одличната работа на Дениз Јуџел и убеден е дека „праведната судска истрага ќе доведе до утврдување на неговата невиност “.