Македонскиот ракометен вице-првак Металург денес ангажираше ново засилување кое според досегашната биографија треба и тоа како да биде од корист за тимот предводен од Лино Червар.
Станува збор за 24-годишниот Предраг Вејин од Србија кој игра на позицијата десен бек. Вејин потекнува од ракометниот расадник на некогашниот европски првак Металопластика од Шабац, а во Металург доаѓа од тимот Ал Џазира од Обединетите Арапски Емирати.
“Вистинско задоволство е да се биде во тим на чие чело стои еден од најдобрите стратези во светот, Лино Червар. Ни малку не се двоумев кога ја добив понудата од Металург бидејќи тоа е клуб вреден за почит, со богата традиција и со име добро познато во ракометна Европа. Свесен сум дека покрај тоа што ќе помогнам со мојата игра, тука многу и ќе научам и ќе се надградам како играч, бидејќи Червар е еден ретките тренери што имаат трпение и сакаат да работат со млади ракометари. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на тренерот и на тимот и со својата игра ќе придонесам во остварувањето на амбициите на клубот“,изјави Вејин.
Во својата кариера овој ракометар има играно и во силните шампионати на Шпанија каде настапуваше за Адемар Леон, како и во Франција за Данкерк.