Кошаркарскиот тим Карпош Соколи многу веројатно повеќе нема да биде дел од БИБЛ лигата, откако во вечерашниот натпревар на домашен терен против црногорскиот тим Теодо играчите го напуштија теренот, при што резултатот веќе е запишан како службен пораз за македонскиот тим со 0:20.
И во минатото од таборот на „соколите“ се жалеа на судиските одлуки, но чашата ја прели момент на 2,42 минути до крајот на третата четвртина, при водство на гостите од 60:61. Поради што, стратегот Драган Николиќ се одлучи да ги повлече своите играчи во соблекувалната.
Веќе утре се очекува ваквиот потег на македонскиот тим да биде разгледуван од Управата на БИБЛ лигата, каде не е исклучено дека тимот би можел да биде исклучен од лигата, а доколку тоа не се случи, за очекување е пак самиот тим да најави дека повеќе нема да настапува во ова балканско натпреварување.