Предвремените парламентарни избори завршија со два мандата предност за ВМРО-ДПМНЕ односно 51 наспроти 49-те на СДСМ. Во согласност со изборните рокови, најдоцна 20 дена по изборите треба да се одржи конститутивна седница за избор на новиот состав на Собранието. Доколку нема приговори за прегласувањето во Теарце, а засега немаше најави во таа насока, ДИК, како што најавуваат оттаму, би можел уште денес да го достави до парламентот извештајот за завршените избори.
Веднаш потоа, може да биде утврден и датумот за одржување на конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав, кој според одредени најави би требало да се одржи до крајот на неделава. Според досегашните практики, првиот дел од седницата, во кој треба да се верификуваат пратеничките мандати, би се одржал в петок. Точката за избор на прв парламентарец, пак, не е исклучено да се одложи за понатаму, кога ќе биде извесно дека има мнозинство за избор на претседател на Собранието. Доколку досегашниот спикер Трајко Вељаноски не свика седница до крајот на годинава, пратениците, според толкувањата, би требало сами да се состанат на 1 јануари и да го конституираат парламентот, а седницата да ја води најстариот пратеник.
Инаку според уставниот член 63, „…новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21-от ден од денот на завршувањето на изборите“.
Од кабинетот на Вељаноски соопштија дека првата седница на новиот парламент ќе биде закажана откако ДИК ќе го достави до Собранието извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори, заедно со освоените мандати.
Според членот 90 од Уставот, претседателот на Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да му го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот поднесува до парламентот програма и ги предлага министрите во владиниот кабинет, кои треба да бидат избрани со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (61).
Според сите најави се очекува претседателот Ѓорге Иванов овој пат да ја заврши оваа обврска околу божиќните празници.
Инаку, новиот собраниски состав ќе има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав. Од 120 пратеници, 38 се жени. Составот на парламентот и оваа бројка на застапеност на жените би можеле да се променат по формирањето влада доколку некои од пратениците бидат избрани на функција во извршната власт или не го прифатат мандатот од одредени причини. Мандати освоија коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса и Алијанса на Албанците.