Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов денес на прес-конференција рече дека изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски можат да предизвикаат сериозни инциденти и последици по безбедноста на Република Македонија. Тој ги повикува сите политички субјекти да дејствуваат во насока на смирување на состојбата, а не на нејзино потпалување.
„Ваквата чувствителна состојба во нашата држава уште повеќе се продлабочува со натамошното одолговлекување на давањето мандат од страна на Претседателот Ѓорге Иванов. Го повикуваме Иванов веднаш да го додели мандатот за состав на новата Влада на Република Македонија, воедно го повикуваме Претседателот на СДСМ, Зоран Заев како следен мандатар да биде внимателен и да си го одржи ветувањето дека нема да биде прифатено ниту едно барање од т.н. Тиранска платформа која излегува од рамките на Уставот на РМ како и надвор од потребите на македонските граѓани“, вели Ангелов.