И денеска, како и претходните денови, низ улиците на Република Македонија продолжија народните собири на граѓанската организација „за заедничка Македонија“.
Македонски знамиња, скандирање „Македонија на Македонците“, тапани и зурли и пеење патриотски песни се само дел од она што може да се види и слушне низ улиците на главниот град Скопје, но и во помалите градови низ државата.
Во изминатите денови на протестните маршови свое учевство земаа и популарни актери, уметници, пејачи меѓу кои актерот Владо Јовановски, Тони Михајловски, Зафричев, Стевчо Стојковски, Калиопи а на денешниот протестен марш свое обраќање имаше и Сашо Гигов – Гиш.
Тој порача дека сега е време кога македонскиот народ треба да се сплоти и дека сите треба да останат во одбрана на земјата.
„И Мијаци, Брсјаци…Сите заедно да се собереме за нашата Македонија“, порача тој.
Граѓанската организација – иницијатива „за заедничка Македонија“ преку нејзините протести ги повикува сите граѓани на Република Македонија во одбрана на државата, од како што велат, туѓи платформи односно платформи изработени од туѓи држави, а кои според нив, се штета на државата. Воедно тие сметаат дека токму граѓаните се тие кои ја изразиле својата волја на избори и таа треба да се почитува, а тоа не е исполнување на никаква платформа во корист на албанците во Република Македонија. Во изминатите неколку денови на протестните маршови можеа да се забележат и транспаренти во кои се бара итно спроведување на попис во Република Македонија.