14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Могерини со жестока порака до македонските политичари: Не си играјте со оган!

Политичарите да не си играат со оган во однос на меѓуетничка конфронтација, загрижена сум за состојбата во Скопје, но гледам потенцијал за решавање на кризата, како што е седница на парламентот и избор на спикер.

Ова се зборовите на високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини, во однос на дискусијата на денешниот Совет за надворешни работи на Европската унија за Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

„Нема да давам детали што некој министер кажа на денешниот состанок, но можам да кажам дека генерално сите министри ги поддржаа силно пораките што ги изразив во Скопје. Всушност, јас тоа го изразив и на состаноците со претседателот и со другите политички лидери, но и јавно, не само во име на ЕУ, туку и во име на генералниот секретар на НАТО. Колку сум загрижена? Сум. Но, се обидувам да се научам да одам над загриженоста и да видам потенцијал за решавање на политичката и институционална криза, бидејќи она со што се соочува Скопје е политичка и институционална криза, која сум загрижена да не се претвори во меѓуетничка криза“, истакна Могерини на прес-конференција по денешниот Совет.

Високата претставничка на Унијата испрати, како што рече главна порака на политичарите „во Скопје“:

„Да не си играат со оган и меѓуетничка конфронтација, што ќе ја повлече земјата. Има инструменти за решение, како што е мудрост на претседателот, капацитетот на парламентот да продолжи со избор на спикер и деблокирање на состојбата за институционалната и политичка криза да се менаџира со инструментите што ги има Скопје, без мешање. Нормално, пријателите може да се грижат за состојбата и иднината на партнерите. Веруваме дека има можности да се излезе од институционалната криза. Има ресурси за тоа во Скопје, каде имав искрена и конструктивна размена за ова со сите политички лидери во парламентот и со претседателот. Се надевам дека мудроста ќе надвладее“, порача Федерика Могерини.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите, на денешниот Совет на Унијата не донесоа заклучок во однос на дебатата за Западниот Балкан и земјите во регионот, па она што го пренесе Могерини, како и некои од министрите претходно, се само пораки што во име на Европската унија се испратија кон регионот.

поврзани објави

Последни објави