Истражување кое било спроведено во Данска, а кое опфатило 9.857 мажи и жени на возраст од 36 до 52 години, покажало дека постои зголемена стапка на смртност кај мажите во врска или брак во кој многу често се јавувале конфликти предизвикани од страна на жените.
Имено, 315 од нив починале од стрес за кој се претпоставува дека настанал по караницата со партнерката. Освен тоа, истражувањето покажало дека поради незадоволството од заедничкиот живот, мажите на средовечна возраст се изложени на дури 3 пати поголем ризик од смрт.
„Мажите, за разлика од жените, имаат помалку луѓе со кои би можеле да ги споделат нивните грижи. Доверливите разговори на приватни теми ги водат со неколкумина пријатели или членови од семејството, а има и мажи кои воопшто не разговараат за такви работи. Тоа е можната причина за зголемената стапка на морталитет меѓу мажите“, открила докторката Рике Лунд од Одделението за јавно здравје на Универзитетот во Копенхаген.
Таа вели дека мажите често пати им ги доверуваат проблемите на нивните партнерки. Но, кога жените ќе станат главниот причинител на нивните грижи и нервози, мажите стануваат депресивни што може да остави негативни последици на нивното здравје.
Освен тоа, кога мажите се под стрес, склони се на брза храна, алкохол, ги мачи несоница, а сето тоа е штетно по здравјето. Од друга страна, пак, данското истражување покажало дека жените за разлика од мажите помалку се вознемируваат кога партнерот ќе почне да негодува, односно неговото расправање не влијае негативно на нивното здравје.