ВМРО-ДПМНЕ денес со ново соопштение му порача на лидерот на СДСМ Зоран Заев да се откаже од како што велат тие Тиранската Платформа, а за таа цел, тие се подготвени да му дадат поддршка во малцинска влада.
Во продолжение целото соопштение:
СДСМ мора јавно и јасно да се откаже од Тиранската Платформа и елементите во неа кои ќе ја редефинираат Република Македонија, која од мултиетничка би ја претвориле во бинационална држава.
Оправдан е стравот кај граѓаните после конфузните и контрадикторни ставови кои ги изнесе Зоран Заев, во кое не ја отфрли Тиранската Платформа, туку напротив најави дебатирање по нејзините точки.
Ова само го потврдува сомнежот дека Зоран Заев со цел да добие власт ги погазил националните и државни интереси и ја прифатил реализацијата на Тиранската Платформа под превезот на дебатирање, консултирање на партиски експерти и слично.
Револтот кај народот од ваквата неисрена политика и реторика на Заев и СДСМ станува се поголем. Граѓаните гледаат дека затскриено се подготвува редефинирање на државата.
Ние ја повторуваме нашата понуда.
Доколку СДСМ и Зоран Заев јавно се откажат од Тиранската Платформа, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа и ќе поддржи Влада која што би ја формирал Зоран Заев.
Доколку СДСМ и Зоран Заев сметаат дека Тиранската Платформа е позитивна за иднината на Македонија и потребно е да се дебатира за елементите содржани во неа, тогаш го повикуваме истата да ја стави на најшироката можна дебата за тоа, парламентарните избори. Ако сака СДСМ може елементите од Тиранската Платформа да ги искористи како основа на своја партиска изборна програма, па така граѓаните ќе може јасно да кажат што мислат за тоа, без притоа да бидат изборно измамени, како што тоа веќе еднаш им го направи СДСМ и Зоран Заев.