Германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата на Вашингтон престојнава недела, ќе се обиде да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од изолационизмот, укажувајќи му на можните последици од економската изолација на САД и воведувањето на посебни царини за стоките од ЕУ, објавија денеска германските медиуми, повикувајќи се на извори во Владата во Берлин.
Според координаторот на германската Влада за политиката кон САД, Јирген Харт, Меркел ќе бара од Трамп продолжување на преговорите за слободна трговија меѓу ЕУ и САД.
Харт изјави дека Меркел ќе му посочи на Трамп дека е невозможно постигнување на билатерален трговски договор меѓу Германија и САД, бидејќи тоа прашање треба да се уреди на ниво на ЕУ.
Тој ги оцени како „популистичко тврдење“ изјавите на Трамп дека Германија манипулира со курсот на еврото со цел да си обезбеди евтин извоз во САД.
„Германските производи во САД во најголем број случаи се натпросечно скапи“, додаде Харт,
Магазинот „Шпигел“ наведува дека Меркел ќе се обиде да го увери Трамп во штетноста од воведувањето на заштитните царини, што тој ги најави како можност.
„Давачките чија цел е дискриманција на увозот се во спротивност со постоечките германско-американски договори“, наведува „Шпигел“.
Германската министерка за економија Бригите Циприс пак во интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“ изјави дека германските фирми придонеле за отворање на 800.000 работни места во САД.
„Мислам дека нема да му е во интерес на гувернерот на Јужна Каролина, Бе-Ем-Ве да го затвори погонот во оваа (американска сојузна) држава и да ги повлече своите инвестиции“, изјави Циприс.
Според неа, Меркел за време на разговорите со Трамп ќе треба да му укаже дека неговите економско-политички планови не можат да функционираат и дека би им штетеле на економиите и на Германија и на САД.