Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во денешното гостување на Канал 5 рече дека очекува Заев да ја отфрли платформата од Тирана и на тој начин да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин СДСМ би дошол на власт, а во исто време ќе го заштити суверинетот и интегритетот на државата. Тој предлог се уште е актуелен.
Тој додава дека ситуацијата е прилично тензична не само меѓу партиите, туку и меѓу самите граѓани.
„Граѓаните чувствуваат дека има сериозни обиди за редефинирање на државата. Нивното чувство е дека таквата ситуација не смее да трае долго и треба да се разреши. Единствен начин на разрешување е одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори.
Доколку СДСМ прифати да ја одбие Тиранската платформа, ВМРО-ДПМНЕ прифаќа да биде опозиција. Со тој чекор ќе ги зачуваме националните интереси на Република Македонија. СДСМ е ставена пред избор. Дали ќе одлучи да се бори за суверинетот, за унитарниот карактер на државата или ќе продолжи со оваа нејзина антидржавна политика која ја гледаме во последниот период“, вели Димовски.
Димовски вели дека немало да има потреба да се одржат парламентарни избори во декември, туку можело да го прашаат Ахмети кој ќе формира влада.
„Практично немаше да има потреба да одржиме парламентарни избори во декември минатата година, можеше само да го прашаме господинот Ахмети и неговото раководство кој ќе биде власт, и тие да кажат СДСМ ќе биде на власт, заради тоа што сите оние кои гласале спротивно на СДСМ воопшто не се значајни“, вели Димовски.
Тој потенцира дека ако се наруши принципот „ победник со победник“ тогаш се губи принципот и смислата на демократското функционирање во оваа држава.