Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски за телевизијата Сител вели дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев сака да ги одложи локалните избори. Според него, причината за одложувањето на изборите, е токму реакцијата на граѓаните, па СДСМ не се чувствува спремна да излезе на локални избори.
Милошоски посочува дека пратениците во Собранието, вклучително и тие на СДСМ имаа право да покренат иницијатива да продолжи седницата за избор на претседател на Собранието.
„Намерно беше одлагањето на таа Собраниска процедура, а истовремено одговорноста се префрлаше на Претседателот Иванов“, истакна Милошоски.
Потенцира дека доколку некој се обиде да направи влада без да му биде доделен мандатот од Иванов, ќе направи преседан.
„Важно е дека Претседателот на државата во Уставот е запишан како институција и доколку некој реши да направи влада без да му биде доделен мандат, ако тоа го направи денес, тогаш секој утре од нас ќе може да го повтори истото на штета на уставното устројство на државата. Владата мора да биде направена од мандатар кој го добил мандатот од Претседателот на државата“, потенцира Милошоски.