Српскиот премиер и кандидат на претседателските избори Александар Вучиќ денеска изјави дека во рамките на кампањата за претседателските избори сака да го посети и Косово, а тоа може да го направи и без дозвола на властите во Приштина, но според него таквата постапка може да предизвика проблем за Србите кои живеат таму.
Вучиќ рекол дека на Косово може да влезе преку „алтернативни премини“, но потенцирал дека не сака да создаде немир и проблеми за Србите кои живеат таму. Говорејќи за дијалогот со Приштина, тој рекол дека Белград сака процесот да продолжи, но дека другата страна само бара причини и изговор тоа да не се случи.
Српскиот премиер исто така рекол дека „не разбира зошто косовскиот претседател Хашим Тачи толку инсистира и брза со формирањето на ткн војска“.
Говорејќи за претстојните избори, Вучиќ вели дека е можно тој да биде поразен.
„Ја прифаќам народната волја, има големи можности да изгубам, никакво чудо не би се случило доколку тоа биде така. Јас затоа ги повикувам луѓето да се обединат за нормална и пристојна Србија,“ порача Вучиќ.