8.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Иван Јованов: Големината и силата на човекот е да излезе посилен од бурите кои се присутни во животот на секој човек

Иван, ти благодарам што ја прифати поканата за ова интервју за “Поглед.мк”.

ПОГЛЕД: Како се случи „Либеро Бенд“? Колку си близок со членовите од бендот, дали се дружите постојано и приватно или повеќе се гледате само на вашите настапи?

Либеро бенд се случи многу спонтано, со половина од бендот бевме заедно во исти клас во средно. Секако дека сме блиски бидејќи бевме пријатели пред да го основаме бендот а сега сме и пријатели и колеги.

ПОГЛЕД: Дали можеби се „крчка“ некој нов проект во овој период или повеќе сте фокусирани на настапите кои што како што можеме да забележиме се доста чести овој период?

Секако дека имаме нови проекти и тоа што ќе го пласираме оваа година цениме дека е најдоброто од нас а со настапите ни се подолго време обична рутина.

ПОГЛЕД: Дали е тешко човек да се скара со Иван, колку си лесно достапен со оглед на тоа дека знаеме дека многу од пејачите или пејачките кога ќе „запливаат“ подлабоко во тие музички води знаат да бидат и арогантни?

Јас сум смирен човек од добро, чесно и скромно семејство. Исклучително е тешко да дозволам човек да влезе во конфликт со мене.

ПОГЛЕД: Кое е твоето хоби?

Фитнес, фудбал со другарите, кафана.

ПОГЛЕД:По она што можеме да го забележиме на социјалните мрежи е дека Иван има огромен број на фанови од женскиот пол. Често си споделуван на Инстаграм профилите на девојките. Изминатиов период беше во фокусот поради она што се случуваше, па не интересира дали можеби еве Иван има некого на кого сега може да му го отвори своето срце?

Моментално не сакам да разговарам за мојот приватен живот.

ПОГЛЕД: Кога си бил најсреќен, а кога најтажен во својот живот?

Секој ден има својата тежина, во нашата држава на никого ништо и никогаш за жал не му е сјајно. Тоа е поради тоа што луѓето не се задоволни со она што го имаат и не им се радуваат на малите убави нешта кои што им се случуваат секој ден. Јас како што погоре наведов сум воспитан да ги ценам малите убави нешта кои ни се случуваат секој ден, и мислам дека тоа е основата за среќата на секој жив човек.

ПОГЛЕД: Кое е твоето мислење за јутјуберите и оние јавни личности, меѓу кои и спортисти кои реално имаат добри приходи, кои промовираат брзи кредити, како и за тоа што од ден на ден се повеќе казина имаме на секој чекор во државата?

Слободата на пазарот е принцип на кој што почива современото општество и така е секаде во светот. Во време на глобализација, суровоста на слободата на пазарот знае да се конфронтира со многу вредности. Брзите кредити, игрите на среќа се тесно поврзани со нашиот стандард и менталитет, токму поради тоа наоѓаат плодна почва да бидат баран производ на нашиот пазар не само во Македонија туку и во поголемиот дел од балканскиот полуостров.

Може ли јутјубер да биде пејач? Еве гледаме некои наши јутјубери имаат по неколку песни и истите ги промовираат, па дури и понекогаш се обидуваат да запеаат иако оној кој што би сакал да биде искрен знае дека тие немаат никаков талент за тоа. Дали не се претера со ова што секој оној кој што ќе седне да прави јутјуб канал после одреден период со цел да привлече внимание на себе влегува во студио и му се подготвува некаква си „песна“ со која сака да се промовира себеси?

Јутуб сцената во овој момент, дозволува да се добиваат бројки на било каква содржина што е во тренд. Претплатниците и посетеноста на нивните јутуб канали им овозможува на јутуберите да си ја пробаат среќата и на музички план. И јас им посакувам успех онака како што би му посакал успех на било човек кој сака да се бави со благослов каков што е музиката, бидејќи музичката аудио технологија го овозможува тоа во овој момент.

ПОГЛЕД: Сите песни си имаат животен век, но факт е дека некои траат многу подолго. Музиката како појава е комплексна, но во денешно време многу од песните кои излегуваат се комерцијала. Зошто тоа е така? Дали музичарите повеќе се насочени кон брза заработка или пак едноставно исчезна оној момент да се направи песна која може да трае со години, како што траат многу песни кои се пеат постојано на настапите на самите музичари?

Со оглед на музиката која се изведува на настапите во живо можеме да заклучиме дека новокомпонираните песни поминуваат само на диџеј сет. Секоја квалитетна и нормална музика се изведува со полн оркестар, бенд или слично. Според тоа можеме да заклучиме дека новата комерцијална музика трае сезонски а секоја добра песна е безвременска.

ПОГЛЕД: Не сакаме да навлегуваме во твојот приватен живот, но бидејќи ти посакуваме се најдобро и на приватен план, не интересира дали Иван со сето она што му се случуваше во изминатиов период научи повеќе за животот, едноставно како една „лекција“ од која ќе излезе и посилен, но и помудар и посреќен во иднина?

Во животот кај секој човек има бури. Големината и силата на човекот е да излезе посилен и како добар капетан на својот брод да продолжи кон животната цел. Најбитно ми е мислењето и поддршката на моето семејство и нивната радост на секој мој нов проект.

За крај: Иван ти посакуваме се најдобро, се надеваме дека ќе можеме да се гордееме со млади артисти како тебе и дека македонската публика уште повеќе ќе ги почитува македонските музичари во иднина.

поврзани објави

Последни објави