ИСЕЛУВАЊЕТО КАКО ДЕЛ ОД НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ
Следејќи ги македонските политичари, нивните настапи, она за што зборуваат секојдневно, за што дискутираат, за што влегуваат во вербален конфликт, докажувајќи ни нам, обичните граѓани, кој повеќе мисли на нас, кој повеќе се грижи за нас, човек просто да се зачуди дали живее во Македонија. Имено, ниту еден од нив веќе не зборува за иселувањето. Тие од власта е нормално да не зборуваат за тоа, но што е со тие од опозицијата?
МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИ ОДНОСИ, ПАТРИОТИЗАМ, РУСИЈА И УКРАИНА
Доколку вклучите било кој ТВ канал во кои има дебатни емисии, ако погледнете само една до две, а да не зборуваме за повеќе такви емисии, ќе забележите дека главни теми постојано се македонско-бугарските односи, Русија vs Украина, дали ќе издржиме со храната и струјата, кои ќе бидат нивните цени итн итн.
Значи, веќе никој не зборува за иселувањето на младите, цели семејства, каков е животот на младиот човек, на средношколецот, студентот, на младиот работник. Никој веќе не зборува за тоа какво е образованието, дали се или не се потребни реформи и какви, дали ќе има нова инвестиција во некој град од источна Македонија од каде што се иселија цели села и градови, дали ќе има нови бизниси, странски инвестиции кои ќе донесат и нови потенцијални работни места, но и повисоки плати.
Од една страна за ова не зборува ВЛАСТА, која гласно зборуваше за тоа во време на опозиција, а од друга страна пак за жал имаме и опозиција која очигледно има други проблеми и маки, па можеби во два месеци ќе излезе со по некое млитаво соопштение или реакција за младите, за платите, за животот во Македонија. Напротив, власта и опозицијата се караат како селски тети преку фејсбук статуси во кои се покажуваат кој е повеќе европеец, кој е повеќе за народот, кој е поголем криминалец итн итн.
Наместо да се објавува градење на модерни студентски домови, нови поволни услови за отварање на нови бизниси на младите луѓе, градење на Клинички центар, автопати и патишта, развивање на зимскиот туризам кој е најкатастрофален на цел Балкан, се зборува за тендери, за играње фудбал по канцеларии, за тоа дали некој купил или не купил дуќан. Ко небаре прв пат да се случило некој кој е на власт да користи некакви „привилегии“. Овој лавиринт повеќе личи на онаа позната изрека „крадецот вели – фати го крадецот“.
И бидејќи ако продолжам да пишувам за што се може да се дискутира и да се прави во државава за добробит на народот, ќе ми требаат уште многу зборови, би сакал да прашам: А кој веќе зборува за иселувањето? Ако власта и опозицијата живеат во два паралелни света, очигледно е дека тука исто размислуваат. Власта веќе не зборува, а ОПОЗИЦИЈАТА молчи и се однесува како да е власт. Можеби пак јас сум во заблуда и веќе младите и семејствата кои ја напуштија Македонија се вратија назад во родните места?
Пишува: Антонио Димов