3.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

ФОТО: Мечка влезе во домот на екс пратеник – тој ги покани да му бидат гости оние кои ги бранат мечките

Екс пратеникот од СДСМ Љатиф Пајкоски, кој живее во селото Жировница, во Општина Маврово и Ростуше вчера алармираше дека претходната вечер вчера во неговиот двор влегла мечка.

-Синоќа во 22 часот, пред мојата куќа. Ајде да ве видам вие умоболни бирократчиња што ја штитите мечката, а ништо не преземате да го заштитите населението. Повелете барем една вечер бидете мои гости во Жировница, но не сами туку и со вашите деца.

Очигледно ни преостанува да се самоорганизираме и да се штитиме и самите и нашите имоти со се што располагаме. Нема ова биде и едно од последните укажувања, напиша Пајкоски на својот профил на Фејсбук, покрај фотографиите од непоканетата „гостинка“ во дворот.

Во истото село пред десет дена ренџерската служба на Националниот парк „Маврово“ пронајде отстрелана мечка со две мечиња.

Директорот на Инспекторатот за животна средина, Сретен Стојановски изрази згорзенот од овој чин и нагласи во таа прилика дека виш инспектор со колеги од Агенцијата за храна и ветеринарство и останатите надлежни инспекторати работат на теренот на утврдување на причините за смртта на мечките.

Инаку Националниот парк „Маврово“ е природно живеалиште на кафеавата мечка, животно кое е под трајна заштита на државата, согласно Законот за ловство и не смее да се лови.

Минатата недела жители на шарпланинското село Бродец снимија мечка како со мало мече се обидува да влезе во еден дом во ова село. На видеото се гледа како жител во страв го затвора прозорецот, но мечката упорно стои под прозорецот и се обидува да влезе во неговата куќа.

Поради честите пријави за појава на мечки и во НП Маврово и во НП Шар Планина, постои координација меѓу двата национални паркови како да се заштитат овие видови животни.

-Сепак безбедноста на човекот е на прво место. Има опции или да се дислоцираат мечките, но ако има моменти каде човекот е загозен, може и да се острела мечката, изјави директорот на НП Шар Планина Ибрахим Дехари по инцидентот во Бродец.

Една од причините поради која мечките влегуваат во населените места се дивите депонии околу селата во потрага по храна.

поврзани објави

Последни објави