16.8 C
Skopje
Wednesday, September 18, 2024

МОРЕ ОД СУБВЕНЦИИ ИЛИ КАПИТАЛИСТИЧКО ЛИЦЕМЕРИЕ

МОРЕ ОД СУБВЕНЦИИ ИЛИ КАПИТАЛИСТИЧКО ЛИЦЕМЕРИЕ?!

Одлуката за субвенции беше широко прифатена и од еснафот и од политиката, а сега сме сведоци на постепено и тивко укинување.
Субвенции во земјоделството , реална помош или промашена политика?!
Субвенциите за земјоделството и руралниот развој треба да се зголемуваат , а не да тапкаат во место. Ние имаме плодна земја која со помош на државата може да извезува продукти , а не да увезува. Зошто субвенциите не го намалуваат увозот на земјоделско – прехранбените продукти? Зошто не ги даваат очекуваните резултати? Дали поради нивна погрешна распределба, недоволна едукација на земјоделците и слаба реализација на планираните суми, или поради партиска распределба на субвенциите?!
Можно е средствата наменети за субвенции да не се реинвестирани во земјоделството, туку во нешто друго што е поатрактивно за владата и нивните кадри врз грбот на народот.
Земјоделците сметаат дека субвенциите се добродојдени за развојот на земјоделството. И повеќе од потребни во секторите како градинарството, производството на пченка, пченица, луцерка, ориз, мед и овоштарството (посебно јаболко производството) , како и зголемувањето на производството на тутун. Сточарството секогаш се занемарува.
Народот го интересира дали субвенциите завршуваат кај вистинските земјоделци?
Дел од земјоделците укажуваат дека досега субвенциите не се делат плански, а дополнителен проблем е партиската распределба. И во земјоделството побрзо ќе земеш субвенции, ако си близок до власта. Дека постои партиска распределба на субвенциите се гледа од начинот на нивната исплата. Предност се дава на подобните или партиски активните земјоделци, а тоа може да се увиди кога при исплата на една иста подмерка, во еден ист ден, не им се исплаќа на сите земјоделци кои аплицирале, туку се прави поделба – на едни да им се исплатат порано, а на други многу подоцна или пак, да им се најде некаква грешка или проблем, па воопшто да не ги добијат субвенциите.
Субвенциите ќе дадат ефект ако има строга контрола дали одат кај вистински земјоделски производители, ако паралелно со примарното земјоделство се развива и преработувачката индустрија, ако се поттикнува употребата на современа механизација, ако се произведува она што го бара пазарот, ако постојат способни стручни советодавни услуги и служби, ако платата на луѓето во тие советодавни служби зависи од тоа колку придонесле за земјоделството и многу други фактори – сметаат експертите.
Државниот буџет е најсеопфатниот програмски документ, предложен од Владата, а дискутиран и усвоен од народните избраници. Тој е приказ на сите политики, мерки и активности кои се спроведуваат од страна на државата во еден фискален период. Како таков, буџетот заслужува големо внимание во јавноста, особено во време исполнето со предизвици и глобални економски кризи. Во „новата реалност“, претставена низ поликризното глобално окружување, добрата стратегија и соодветниот план, ќе не направат поотпорни, а нашата економија поефективна.
Препознавајќи ги предизвиците на глобалното окружување и развојните потреби на домашната економија, повеќе од потребно е да се зајакне стратегиското планирање . Реформата во процесот на планирање и спроведување на буџетот мора да има суштински напредок во управувањето со јавните финансии од страна на меѓународните институции, вклучително и од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Но моменталната наша власт тоа не го практикува.
Ако сакаме функционална држава со задоволни граѓани мора да имаме визија за тоа. Да се размислува на пониска инфлација и буџетски дефицит , повисоки приходи (без притоа да се зголемуваат јавните давачки), повисоки капитални инвестиции во однос на дефицитот, повисоки плати , пензии и социјални надоместоци , повеќе средства за активни мерки за вработување, како и средства за здравствена заштита, повеќе средства за студентите за стипендии и студентски оброк, реформи во субвенциите во земјоделството и повеќе средства за општините. Поддршка на стандардот на граѓаните, унапредување на јавните услуги и обезбедување на фискална одржливост, а со тоа и на макроекономската стабилност како и субвенции.
Каде се новите модели за субвенционирање на земјоделството со нови критериуми на доделување на субвенции (основна субвенција и дополнителна поддршка)? Каде е целта на зголемување на производството на храна, која ќе се базира на остварениот принос? Каде се моделите со кои ќе се дава приоритет на стратешки важните култури и производи за државата?
Сеуште се чекаат субвенциите за приватниот сектор, поддршката на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично… Можеме вака да набројуваме до утре и пак да немаме одговори..

Автор: Д-р Николчо Стојменовски

поврзани објави

Последни објави