34.8 C
Skopje
Monday, June 24, 2024

ЛАНИ СЕ ИЗГРАДЕНИ РЕЧИСИ 6.000 СТАНОВИ Во Скопје најмногу градат компаниите, а во Полошко индивидуалните сопственици

Лани градежните компании и индивидуални сопственици вложиле речиси 900 милиони евра во изградба на станови. Изградени се вкупно 5.776 станови од кои 2.331 стан изградиле индивидуални сопственици, а 3.445 станови ги изградиле компании. Индивидуалните сопственици градат поголеми станови, а компаниите многу помали. Просекот на корисна површина на становите кај индивидуалните сопственици е 128 квадратни метри, а кај компаниите тој просек изнесува 70 квадрати.

Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според овие податоци минатата година, индивидуални сопственици извршиле градежни работи во вредност од 13,7 милијарди денари (223,8 милиони евра). Тие граделе вкупно 2.020 објекти во кои завршиле со изградба на вкупно 2.331 стан со вкупна површина од 299.224 м2, од кои 67 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 7.196 м2.

Просечната корисна површина на завршените станови е 128,4 м2.

По региони, најмногу индивидуални сопственици граделе во Полошкиот регион каде што се изградени 641 стани и 5 викенд- куќи, потоа во Скопскиот со изградени 426 станови и 9 викенд- куќи и Југозападниот со 579 станови и 2 викенд куќи.

Градежните компании, пак, лани извршиле градежни работи во вредност од 36,8 милијарди денари (599,6 милиони евра). Од нив, 18,9 милијарди денари (308,2 милиони евра) се за објекти во индивидуална сопственост.

Во текот на 2023 година градежните компании граделе вкупно 2.874 објекти, а завршиле вкупно 3.445 станови со вкупна површина од 243.815 м2, од кои 3.415 се во индивидуална сопственост.

Просечната корисна површина на завршените станови е 70,8 м2.

По региони, најмногу се градело во Скопскиот регион каде што се изградени 2.061 стан , потоа во Југоисточниот регион со изградени 268 станови и Пелагонискиот регион каде што се изградени 212 станови.

поврзани објави

Последни објави