Новиот лидер на СДСМ, популарниот министер од време на корона-периодот во Македонија односно Северна каква што обожаваат тие да ја нарекуваат, во својата најнова изјава вели дека СДСМ е во форма, а кризата од изборите е минато!
Ова доаѓа по не цели два месеци од катастрофалниот изборен пораз, најголем во историјата на СДСМ!
Ова доаѓа од устата на човекот кој беше министер за здравство во најсензитивниот дел од независна историја на македонското здравство, во корона – периодот, но и во моменти кога имаше вештачења кои покажуваа дека кабли се виновни за смртта на 14 луѓе кои изгореа, а во чии простори немало вградени системи за кислород.
Останаа да висат многу прашања – дали модуларните болници се направени според стандардите кои треба, како можеше да се спречи една таква тешка трагедија во која само за 3-4 минути го изгубија животот 14 граѓани? Во една таква состојба, од морален аспект, се знае од кого може да се бара одговорност, кој треба да поднесе одговорност, да го лоцира проблемот, но и да извлече поука за следните генерации за да ова никогаш не се повтори!
Но нејсе. Не е нам да судиме, нам ни е да прашуваме, да анализираме за да видиме која е вистината и како да помогнеме како медиуми за ваквите случаи да не ни се повторуваат.
Оттука, се поставува и едно интересно прашање по повод изјавата на Филипче дека тие веќе ја надминале кризата од изборите – во каква форма е СДСМ?
Со фудбалски жаргон кажано, веројатно ова би значело дека СДСМ е во форма да напаѓа, но како? Со кој лидер односно капитен и со кои играчи ќе напаѓа СДСМ? Со оние истите кои изгубија 10:0? Со оние кои ниту сопствената публика веќе не сака да ги гледа и да ги бодри? Со оние поради чии грешки изгубија толку агресивно и катастрофално? Со кои стратегии и тактики ќе се напаѓа земајќи предвид дека за ова се нема сила, се немаат аргументи, се нема простор за тоа? За што ќе се напаѓа? За Преспа, за нешто за кое што сами го потпишаа? Или можеби, ќе се напаѓа за наводната изолација која до вчера така жестоко се нагласуваше?
Кои се реалните приказни за кои некој би аплаудирал на ова и би го поддржал така „разиграниот“ СДСМ?