АТЕНТАТОТ НАД БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ РАЈКО ДАСКАЛОВ ВО 1923 ГОД. ИЗВРШЕН ОД ЈОРДАН ЦИЦОНКОВ ОД ШТИП ПО ПРЕСУДА НА ВМРО ПОТПИШАНА ОД ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ
-ТЕКСТОТ НА ПИСМОТО НА Т.АЛЕКСАНДРОВ ДО ПРАШКИОТ СУД ВО КОЕ ТВРДИ ДЕКА ЦИЦОНКОВ Е МАКЕДОНЕЦ А НЕ БУГАРИН И НЕГОВ СОГРАЃАНИН, И ПИШУВА ЗА “МАКЕДОНЦИ”, “МАКЕДОНСКО НАСЕЛЕНИЕ”, “МАКЕДОНСКИ ОСЛОБИДИТЕЛНИ БОРБИ”, “МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА”, “МАКЕДОНСКИ ВОЈВОДИ”…;
-ТЕКСТОТ НА ПРЕСУДАТА ЗА СМРТНА ПРЕСУДА НА МВР НА БУГАРИЈА – РАЈКО ДАСКАЛОВ;
-ТЕКСТ НА ЦИРКУЛАР НА ВМРО ЗА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА НА ЦИЦОНКОВ ПОТПИШАН ОД Т.АЛЕКСАНДРОВ ОД 15 НОЕМВРИ 1923Г.
IN MEMORIAM: ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ
Во 1923 веќе четврта година на власт е земјоделскиот сојуз на Премиерот Александар Стамболиски, заедно Александар Димитров и Рајко Даскалов како првенци на таа власт.
Во исто време обновената по првата светска војна ВМРО предводена од членот на ЦК Тодор Александров е повторно во зенитот на своето делување и преставува многу моќна организација која се бори за ослободување и автономија на целокупна Македонија со сите три дела.
Левичарската влада на Стамболиски која ја предводи поразената од првата светска војна – Бугарија, во тој период воспоставила тесни релации со Југославија, со власта Белград, и се обврзала да ја уништи ВМРО, па се обидува тоа да го направи на теренот.
За оние кои не се доволно запознаени со овој период, препорачувам да го прочитаат текстот објавен на истиот ден 31. август минатата 2023 година со наслов “Ликвидацијата на бугарскиот премиер Александар Стамболиски и на двајца негови министри од страна на ВМРО на Тодор Александров”, и така целосно подготвени ќе влезат во овој текст и целосно ќе го разберат.
Сепак тежиштето на тој текст беше животот, кариерата и ликвидацијата на бугарскиот премиер Стамболиски од страна на ВМРО, а помалку на неговиот министер за војна Александар Димитров, и на неговиот министер за внатрешни работи и амбасадор во Чехословачката Република – Рајко Даскалов.
Во продолжение на овој текст го објавувам 1.текстот на смртната пресуда на Рајко Даскалов потпишан од Тодор Александров, 2.текстот на циркуларот на Организација со кој ги известува окружните комитети за ослободителната пресуда на Р.Даскалов од прашкиот суд по атентатот извршен во Прага на 26 август 1923 година, каде самиот Р.Даскалов, знаејќи што го очекува, побарал од Премиерот Стамболиски да го испрати како амбасадор 3-4 месеци пред државниот удар во Бугарија на 9 јуни 1923 година, на кој се приклучила ВМРО и прилично сурово го ликвидирала бугарскиот премиер Александар Стамболиски (детално опишано во споменатиот текст).
3.Третиот документ е испратеното писмо на Тодор Алекдандров преку адвокатот на атентаторот до судот во Прага.
Пред да ги презентирам документите кратко за двајцата: Рајко Даскалов, а потоа во делови и за неговиот атентатор Јордан Цицонков.
Рајко Иванов Даскалов (21 декември 1886 – 26 август 1923 година) бил бугарски меѓувоен политичар од Бугарскиот земјоделски народен сојуз(БЗНС). Тој бил и еден од главните водачи на републиканското востание Владаја, исто така опишано во претходниот гореспоменат текст, организирано од напуштените трупи на бугарската армија во 1918 година против владата, од 1919 до 1923 година Даскалов бил истакнат член на владите на БЗНС кои биле на власт во Бугарија во раниот период по Првата светска војна. Тој бил остар противник на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМОРО), а Даскалов преживеал и еден обид за атентат организиран од организацијата пред да биде убиен во друг обид на ВМРО додека престојувал во Прага, Чехословачка.
Во 1907 година по завршувањето на средното училиште заминал за Берлин , главниот град на Германската империја . Роден во Бјела Чрква, во близина на Велико Трново, во 1907 година завршил гимназија трговска школа во Свиштов и во 1907 година заминува за Берлин , главниот град на Германската империја. Таму тој успешно го одбранил докторат по финансии или економија на Универзитетот Хумболт во 1911 година. Тој како радикален левичар имал бурна политичка активност приклучувајќи се на раниот земјоделски водач и неговиот соселанец Цанко Церковски, Даскалов станал поддржувач на партијата како млад, приклучувајќи се во 1911 година и веќе до 1914 година се етаблирал како една од нејзините поактивни фигури.
Даскалов се борел како доброволец во редовите на бугарската армија за време на Балканските војни 1912–1913 година, а неговиот брат Петко загинал на фронтот. Во 1915 година, Даскалов и другите членови на партијата биле осудени на затвор за нивната наводна вмешаност во аферата Деклузиер , британско – француски обид да ја принудат Бугарија во Антантата на Првата светска војна .
Во затворот, Даскалов се сретнал со Георги Димитров и се спријателувал со аграрниот водач и иден премиер Александар Стамболијски.
Откако силите на Антантата ја пробиле одбранбената линија на Бугарија кај “Добро Поле” на 18 септември 1918 година, бугарските трупи кои се повлекувале и дезертирале организирале востание (познато како востание Владаја ) против актуелната влада и бугарскиот цар Фердинанд.
Бунтовничките војници стигнале до Ќустендил и Радомир и му се заканиле на главниот град Софија. Во паника властите набрзина ги ослободиле Даскалов и Стамболиски во обид да го запрат востанието и испратени до востаниците. Властите се надевале дека поради нивната популарност, аграрните водачи ќе успеат да ги убедат востаниците на послушност.
Наместо да го запре востанието со својот авторитет, Даскалов, набрзо поддржан од Стамболиски, се ставил на чело на востаничките трупи. На 27 септември, тој објавил дека монархистичката влада на Бугарија треба да биде соборена и да ја воспостави таканаречената Радомирска Република , со Стамболиски како нејзин претседател, а тој самиот како врховен командант.
Сепак, владата на Бугарија успеала да собере доволно лојалистички трупи и брзо го задушила востанието а Даскалов тешко ранет во раката во престрелките успеал да побегне во Солун , Грција , предавајќи им се на напредните сили на Антантата.
Бидејќи вклучувањето на Бугарија во војната заврши набргу потоа со примирје, тој бил помилуван и му било дозволено да се врати во земјата, а брзо потоа БЗНС во 1919 година победил на изборите и Даскалов бил нејзин член најпрвин како Министер за земјоделство и државен имот (1919–1920), потоа како Министер за финансии ( привремена, 1920), па Министер за трговија, индустрија и труд (1920 –1922) и Министер за внатрешни работи и национално здравје (1922–1923).
Даскалов покрај тоа што стоел зад неколку од главните реформи на владата, вклучително и големите земјишни реформи и воведувањето на контроверзната задолжителна работна служба, тој исто така, го предложил формирањето на паравоени сили на БЗНС, “Портокалова гарда” , со која тој лично командувал, а чии сили помеѓу останатото учествуваат во обидот за уништување и ликвидација на ВМРО.
Во февруари 1923 година, Р.Даскалов бил ослободен од должноста министер во владата, а во мај бил испратен во Прага , главниот град на Чехословачка, како ополномоштен бугарски министер во таа земја.
На 9 јуни, со Даскалов во Прага, државен удар поддржан од војската го собори Стамболијски и ја постави владата на Демократскиот сојуз под десничарскиот политичар Александар Цанков.
Даскалов се обидел да собере меѓународна поддршка за соборената влада, па дури и основал влада на БЗНС во егзил , иако неговите напори немале практичен ефект.
Веќе е јасно зошто ВМРО иако веќе тргнат од функција токму заради жестокиот конфликт со ВМРО и опасноста од негова ликвидација, донеле одлука да го ликвидираат со атентат, дури и два месеци откако неговата партија е симната од власт во јуни 1923 година, а Премиерот Стамболиски сурово убиен токму од ВМРО, па веќе не преставува опасност за ВМРО, а Даскалов сеуште е амбасадор на Бугарија во Чехословачка постојано чуван секаде каде се движел од неколку полицајци на Чехословачка бидејќи било познато дека тој може да е мета на атентат.
Министерот за војна Александар Димитров веќе бил ликвидиран на 22 Октомври 1921 година од страна на војводите на Тодор Александров на чело со Иван Јанев-Брло, начекувајки го на пат каде поминува железничка пруга, па возилото мора да подзастане, каде одкако ги ликвидирале сите во возилото, потоа со цел да предизвикаат страв, му го исекле гркланот на министерот Александар Димитров.
Еве го текстот на пресудата на ВМРО за атентат на Рајко Даскалов потпишана од членот на ЦК ама ВМРО Тодор Александров.
Смртна пресуда на Рајко Даскалов од 3 март 1923 г.
BMPO
Бр. 375
3/III 1923
Македонија
Доверливо.
СМРТНА ПРЕСУДА
Централниот комитет на Внатрешната македонска револуционерна организација зеде предвид:
1. Утврдено е дека Ал[ександар] Стамболиски, Р[ајко] Даскалов, Александар] Димитров и нивните другари, со своите предавства, и донесоа ново ропство на Македонија;
2. Дека Р[ајко] Даскалов е главниот организатор на бунтот кај Владаја, служејќи се со сите недозволени средства на демагогија и подведување на илјадници деморализирани бугарски војници, бунт кој во голем степен придонесе за утврдувањето на еден неправеден мир во Неј во однос на Македонија,
3. Дека истиот Р[ајко] Даскалов, како што се гледа од извештајот за разбојништвото на Ц[ентралниот]к[оми]тет на организацијата) од 1 јуни 1922 г., како член на кабинетот на Ал[ександар] Стамболиски, во улога на министер за внатрешни работи, многукратно по своја лична иницијатива, а во други случаи во согласност со други свои колеги, испраќаше вооружени групи-разбојнички банди кои се состоеја од професионални апаши ослободувани од затворите, кои под маската на разни анархистички, „федералистички” и комунистички теории, се занимаваа исклучиво со злосторства од општ карактер и кои доаѓаа неколку пати на територијата на организацијата со цел да ги убиваат нејзините водачи, да се демонстрираат пред српските власти нејзините чле нови и воопшто да се стават во услуга на српската влада на терор и на мачења, и сето тоа за огромни суми платени по јасна наредба на Ал[ександар] Стамболиски и Р[ајко] Даскалов од бугарската државна каса;
4. Дека, по заповед на Р[ајко] Даскалов, заедно со убиениот бивш министер за војна Ал[ександар]Димитров и др. нивни другари, изваден е од затворот на VI полиц[иска] станица во Софија и со државен автомобил е однесен во атарот на село) Жилинци, Ќустендилско, каде што е убиен на најѕверски начин од платени орудија на државната служба, заслужниот многугодишен член на ВМРО и општопочитуван стар војвода на Кочанската револуционерна околија Симеон Георгиев. Убиениот остави 5 малолетни деца и жена. Тој факт е докажан за целото бугарско општество во Царство Бугарија, како и за сите членови на BMPO.
5. И, најпосле, дека Р[ајко] Даскалов, како министер и општественик, не само што се поставил во потполна спротивност со целата дејност на ВМРО за извојување на независноста на Македонија, туку и си поставил за цел: ДА ЈА УНИШТИ ВМРО, ДА ГИ УБИЕ ВОДАЧИТЕ И ДА ЈА ОСТАВИ МАКЕДОНИЈА ВЕЧНО ПОД ТУЃО РОПСТВО, за што, во согласност со правилникот и со наредбите на организацијата, именуваниот Рајко Даскалов, министер од кабинетот на Стамболиски, родум од с[ело] Бела Црква (Бугарија); православен по националност, очигледно антибугарин, треба во најскоро време и целосно да ја понесе заслужената казна, со оглед на многубројните околности кои му ја потврдуваат вината.
Поради сите тие причини, ЦК на ВМРО реши:
ГО ОСУДУВА НА СМРТ РАЈКО ДАСКАЛОВ
Извршувањето на оваа пресуда му се наложува на Атанас Николов од Македонија, член на ВМРО, да ја изврши лично каде што ќе го најде, при што по секоја цена да го обезбеди посакуваниот резултат.
Тој треба да се потсети уште еднаш на неговата клетва и на последиците за него лично во случај на најмало застранување од неговата должност – чл [ен] 4 од правилникот и забелешката во чл[ен] 6 од инструкциите.
Од Централниот] к[омитет] на ВМРО
Т. Александров
Кръстю Гергинов, Цочо Билярски, Из архивното наследство на Тодор Александров, Известия на държавните архиви, кн. 60, София, 1990, 236-237.
Значи брзо по 3 март 1923 година Рајко Даскалов знаел за пресудата на ВМРО и веќе во месец мај на негово барање тој е назначен за амбасадор на Бугарија во Прага, во обид да го избегне атентатот, односно извршувањето на пресудата на ВМРО на Тодор Александров. Ова покажува каква сила била ВМРО во времето предводена од Александров, што дури и еден министер за внатрешни работи со зад себе бурна воена, востаничка, политичка и бунтовничка историја, заштитен од сите полициски сили околу себе, незнаејќи дека за еден месец ќе се случи државен удар и неговата влада и партија ќе падне, ја напушта Бугарија во немоќ да се спротистави на заканата од пресудата на ВМРО предводена од Тодор Александров.
Во случајот на Даскалов вреди да се забележи и дека неговата ќерка Светла Даскалова, по стапките на татко си, подоцна станува долгогодишен министер за правда на Бугарија во комунистичкиот период од 1966 година до 1990 година.
Кој бил Атанас Николов од Македонија?
Тоа е псевдоним на Јордан Цицонков родум од штипската населба Ново Село, каде е роден и самиот Тодор Александров, Ванчо Михајлов, и плејада борци на ВМРО но и револуционери, политичари од различни страни, бунтовници, и атентатори на ВМРО.
Кој бил Јордан Цицонков?
Јордан Цисонков е македонски револуционер, терорист на Внатрешната македонска револуционерна организација.
Јордан Цисонков е роден на 9 септември 1901 година во штипско Ново Село , тогаш во Отоманската империја.
Тој се приклучил на ВМРО и во март 1922 година бил избран да ја изврши смртната казна на организацијата против Рајко Даскалов. Во мај 1923 година, војводата Панчо Михаилов Чавдар му дал на Јордан Цисонков нов пасош со името на Атанас Николов, револвер и голема сума пари, по што Цицонков заминал за Чехословачка. На 26 август 1923 година, Јордан Цицонков со три истрели го убил Рајко Даскалов во центарот на Прага , по што бил уапсен. ВМРО веднаш ја обезбедува неговата заштита и го ангажира познатиот чешки адвокат Јан Ренер , а во негова одбрана зборува професорот Иван Мрквичка . Во случајот сослушан на 13-14 ноември 1923 година во Прага, Јордан Цицонков беше осуден на 48 часа затвор со 8 спрема 4 гласа на поротата, поради тезата докажана од одбраната дека Цисонков ја извршувал смртната казна на ВМРО, а не дејствувајќи во име на владата на Александар Цанков , која ја презеде власта по државниот удар на 9 јуни.
Во одбраната на Цицонков учествувал и самиот Тодор Александров со свое испратено писмо кое било прочитано на судењето.
Веќе утредента на 15 ноември 1923 година веднаш по добиената вест Тодор Александров издал циркулар потпишан од него за веста за ослободувањето на Цицонков.
Еве го текстот на циткуларот:
Циркулар до окружните и до околиските раководни тела и војводи во Македонија, до привремените задгранични претставници и до специјалните пратеници на ВМРО зад границата од 15 ноември 1923 г.
ВМРО – Централен к-т
Слобода или смрт
Бр. 631
Македонија
15/ХІ 1923 г.
Циркулар
До окружните и до околиските раковод[ни] тела и војводи во Македонија и до привр[емените] задгранични претставници и до специјалните пратеници на ВМPO зад границата.
Како што ви е познато, на 26 август о[ваа] г[одина], Јордан Цицонков, од гр[ад] Штип – Македонија, со псевдоним Атанас Николов, успеа да ја изврши смртната пресуда Бр. 375 од 3 март [1]923 г., издадена од Централниот комитет, во согласност со чл. 252 од Правилникот на ВМРО, против Рајко Даскалов, поранешен министер за внатрешни работи во Бугарија, затоа што си дозволи да организира банди од разбојници и да ги испраќа во Македонија, со цел да ги убијат раководните лица на Организацијата и затоа што се послужи со бугарската административна машинерија да ги прогонува нејзините членови и симпатизери – престапи кои ги лишија од животот и од здравјето стотици невини Македонци.
Рајко Даскалов беше убиен таму каде што беше најден од лицето задолжено со таа задача, во Прага, престолнината на Чехословачката Република.
На 13 о[вој] м[есец), судот за вакви процеси во составен од 12 судии поротници, кои произлегуваат од чешкиот народ, според законите на споменатата република, го разгледал предметот заведен од истражните власти, почнувајќи од 9 ч[а]сот наутро и завршувајќи во 20 часот н[апладне] следниот ден.
Поротниците, откако ги ислушале обвинението на јавниот обвинител, објаснувањата на обвинетиот за убиството извршено од него, доказите на сведоците и одбраната на адвокатот, со 8 гласа наспроти 4 го прогласиле Јордан Цицонков за невин за убиството на Рајко Даскалов, со 9 гласа наспроти 3 – за невин за случајното ранување на Ив[ан] Бојаџиев, со 12 гласа за виновен за носење оружје без дозвола од властите, престап казнив со 48 часа затвор, кој тој го одлежал многу подолго.
Централниот комитет на Внатрешната македонска револуционерна организација, соопштувајќи Ви го тоа, е должен да го изрази своето задоволство од непристрасноста на чешките судии, кои станаа верни изразувачи на совеста кај еден народ што- туку ослободен од туѓото владеење, доволно образован за да сфати дека ние, Македонците, сме во состојба на самоодбрана кон поробувачите на нашата татковина и на нивните орудија, кои секој ден ни ги одземаат животот, здравјето и нашиот имот, посегаат врз нашата национална и лична чест.
Му искажуваме благодарност на доблестниот адвокат д-р Рениер, како и на странскиот печат, затоа што се јавија во заштита на вистината и на правдата.
Му благодариме, од името на борбена Македонија и од наше име, на Јордан Цицонков за извршениот долг, со самопо-жртвување и со достоинство, кон поробената и распарчена татковина.
За тој свој подвиг, Цицонков беше награден со Организациона значка за заслуга со црвено емајлирано знаме со диплома Бр. [138] од 18/1Х 1923 г.
Ова да се разгласи меѓу членовите на ВМРО во внатрешноста и меѓу нејзините симпатизери во странство.
Со многу срдечни поздрави Член на Цен, к-т на ВМРО:
[потпис) Т. Александров
ЦДА, Ф. 1932, ой. 3, а. е. 63, л. 70, 71. Оригинал, ракопис.
Веста за ослободувањето од вина на Атанас Николов (судењето било под тоа име, бидејќи до тој момент тој успешно го криел својот идентитет) одекнала како бомба особено во Југославија која во тоа време е дипломатски многу силна заради тоа што е на старната на победниците во првата светска војна и
Југославија извршила силен дипломатски притисок врз Чехословачка, по што било закажано ново судење против Јордан Цицонков.
На ова судење Тодор Александров повторно во својство на сведок и во одбрана на Цицонков испратил свое писмо до судот кое било прочитано во судот во Прага. Бидејќи во меѓувреме идентитетот на Цицонков бил откриен, тој ги пишува двете имиња, и псевдонимот кој стоел и во неговиот нелегален пасош и неговиот вистинско име. Интересно во самиот текст е што Тодор Александров кој заради положбата која ја имале имајќи во обзир дека биле во илегала засолнети во Бугарија, често вешто маневрирал со искажување на етничката припадност, мошне отворено пишува за Македонците, за тоа дека Цицонков е Македонец а не Бугарин и негов сограѓанин, за македонското население, македонски војводи, македонска организација, македонски ослободителни борби итн, зборови кои во текстот ги пишувам со големи букви.
Еве ја содржината на писмото:
Писмо до д-р Ренер од 1924 г.
ВМРО
Слобода или смрт
ВМРО
Бр. 1924 г.
Макед[онија]
Преку Dr Renner
бранител на Јордан Цицонков
До господинот Претседател на Земскиот суд во Прага Со пр. прилози
Од едно писмо на Dr Renner, бранител на Николов-Цицонков, до блиски на Јорд[ан] Цицонков, дознавам дека почитуваниот Прашки суд сакајќи да биде објективен и да донесе правична одлука и при второто разгледување на процесот на „Атанас Николов” – Јордан Цицонков, покрај мн. други лица запознати со мак. праш., ме прифатил и мене како сведок на тоа дело. Бидејќи моето престојувалиште се менува често и понекогаш е потребно многу време за да добијам писма и покани, иако не сум добил [покана), за да не се лиши почит. суд од моите изјави, се осмелувам да ги изложам писмено, со молба да бидат прочитани на едно од заседанијата при [разгледувањето] на процесот.
Многу ми е жал што одговорното место што го заземам во една голема идејна револуционерна организација, каква што е ВМРО, не ми дозволува да се одделувам секогаш и за подолго време од работа, поради што не можам да се јавам лично во судот, иако ми ласка помислата дека почитуваниот Прашки суд би чул од мене многу податоци кои би го осветлиле добро тој важен процес со кој се става на тест реномето на целото правосудство на Чехословачката Република, што имав случај да го истакнам, на времето, во протестот на ВМРО Бр. 640 од 30/ХІ 1923 до Праш [киот) суд по повод повторното незаконско апсење на ослободениот борец за слобода на Македонија, „Николов“-Цицонков.
Сметам дека е излишно да го занимавам почит[уваниот] суд со целта и со задачите на македонското револуционерно движење, со методите за борба, со организацијата на ВМРО итн. бидејќи за тоа не само што има многу литература од објективни странски научници со светски глас туку и многу книги со дипломат [ски) документи на разни држави, протоколи од редица конференции за македонското прашање итн. итн.
Најсуштественото што сакам да му го кажам на почитуваниот суд и на сите кои не ја имале досега можноста да ги проучат суштината, моќта и значењето на македонските ослободителни борби и особено на оние кои бесрамно го негираат постоењето на македон[?…] [?…] дури и на самата Македонија, со што многу се компромитираат и стануваат [смешни), тоа е дека македонското население многу одамна станало самосвесно и е решено по секоја цена да ја извојува својата независност, дека Македонија има веќе своја историја, своја душа и една [силна), непоколеблива волја да биде слободна, дека секој Македонец е веќе свесен борец и ќе ја почитува до крај девизата: „слобода или смрт“ и дека, поради тоа, нема земна сила која може да го убие слободниот дух на Македонците да сакаат да живеат слободни.
Македонија заслужува слобода, треба да биде слободна, ќе биде независна.
Со таа верба живее, легнува и се буди секој Македонец, каде и да се наоѓа.
Веќе 31 година многу поединечни акции на Македонци и редица масовни движења на макед. население го докажаа досега горното; од внимателното следење на процесот во Прага, секој совесен човек ќе се убеди во тоа. „Николов“-Цицонков ја изврши смртната пресуда Бр…. од…, издадена од ВМРО, над Рајко Даскалов, не за лична одмазда тој не го познавал убиениот, дури и не го видел до денот на убиството; не за лична полза – тоа се докажува од фактот што тој бил готов да умре; не за слава во тоа ќе се увери секој кој ќе го види и ќе го запознае Цицонков, скромен и [срамежлив] како девојче. Тој ја изврши таа смртна пресуда, која му беше доверена од Централниот комитет на ВМРО, за да си достои на клетвата што ја дал, „да се бори до смрт за слободата на Македонија“, и како извршување на долгот кон борбената татковина и за да го избегне срамот од малодушноста и неизбежната строга казна од Македонската организација за погазување на клетвата. „Николов“-Цицонков, во случајот, дејствувал под несовладливи сили:
1) страв од Бога и од грижа на совеста, ако не ја исполни дадената клетва и
2) страв од ВМРО ако не ја исполни доверената работа (вид. чл. 4 – Правилник на ВМРО и … од кратките инструкции под Бр. … од… јуни 1921 г.).
Последното беше веднаш утврдено од Прашкиот суд, поради што Цицонков и беше ослободен, но под притисок на заинтересираните земји, делото се повтори, колку што ми е познато, поради следниве приговори:
1. Другарите на убиениот Даскалов – Александар Обов и др., кои се учесници во некои од неговите престапи, тврделе дека Цицонков не бил дојден од Македонија и не го извршил убиството по наредба на ВМРО туку дека бил студент во Виена и дека бил пратен од влад[ата] на Цанков во Софија.
ІІ. Српската амбасада во Прага му ги испратила доказите на некаков српски четник или војвода во Македонија, мислам Загориќ, кој ќе докажел:
1. Дека Ц[ицонко]в не е Македонец туку бугарски] студент во Виена,
2. Дека тој не е пратен од ВМРО и дека не е македонски четник, бидејќи Загориќ ги познавал сите македонски војводи и четници, а Циц[онков) го немал видено, 3. Дека „Николов“-Цицонков не бил со чета во Македонија и дека не му е доверено од Тод[ор] Александров, на собрание во една планина, да го убие Р[ајко] Даскалов, а)затоа што немало планини меѓу Куманово и Скопје и б) затоа што во тој реон (меѓу Куманово и Скопје) се движел српскиот војвода Јован Девезенски и имало многу српски чети и жандармерија, та не [можело] пиле да прелета, а не да се движи буг[арска) чета.
Горниве приговори на пријателите на убиениот Даскалов, како и на српската амбасада не држат никаква критика.
1. Дека, “Атанас Николов”-Цицонков е Македонец, мој сограѓанин и член на ВМРО утврди самата српска власт, откако „Николов” беше принуден да ги открие пред истрагата своето вистинско име и дека е од гр [ад] Штип, Македонија, каде живеат неговите родители и неговото семејство, кое се состои од жена и едно дете. (Тоа самопризнание на Цицонков, како што се претпоставуваше, создаде многу проблеми, претреси, влечкање по полициски станици и грубости кон несреќните блиски на Цицонков и тоа што тие не беа избришани од овој свет или најмалку осакатени од тепање и од мачења, тоа се должи на стравот на Србите дека тие нивни ѕверства ќе се дознаат, поради процесот, од јавн[ото] мислење во странство и дека, конечно, ќе се компромитира нивното наметнато владеење над слободољубива Македонија.
2. [Тврдењето] на Загориќ дека ги познавал сите макед[онски) четници, а не видел таков како Цицонков е смешно. ВМРО има во борбена Македонија толку многу војводи и четници кои работат тајно, конспиративно што дури ни јас не ги познавам сите војводи, а не и четници, иако сум член на Организацијата од 1898 г., илег[ален] деец (војвода) од [1]905 г. и член во Централниот к[омитет од 1911 год[ина].
„Николов“-Цицонков беше четник во Македонија извесно време кај скопскиот војвода Величко Велјанов. За почитуваниот суд да се убеди во тоа, нека го повика Цицонков да изнесе подробности за судирот што го имала четата на Величко со Србите кај с. [мислам Којлија – да се види по [?…] на Велјанов]) [?…], жртвите што се дадени од двете страни итн. – му се дава за тоа специјално одобрение и судот да ја провери вистинитоста на тие информации.
3. На „Николов”-Цицонков му беше наредено од мене лично и од името на Централниот] к[омитет на ВМРО, на собрание на една планина во Скопската револуционерна околија, да ја изврши смрт[на] казна над Р[ајко] Даскалов. Тој, по извесно колебање, го прифати тоа и блескаво ја изврши својата задача, заради што е награден со Организациона значка со црвено емајлирано знаме и со спец. благодарност со циркулар на Ц[ентралниот] к[омитет] на ВМРО. Дека има планини во Скопско отаде Кумановско, доволно е секој совесен човек да фрли поглед на подеталните карти на Македонија. Планини има над селата: Љубанци, Раштак, Љуботен… (Величко да се праша да каже уште тамошни села со планини).
Жалам многу што не мож[ам], поради околности разбирливи за судот, да кажам на која планина точно се случи наведеното собрание.
4. Идејното македонско ослободително движење не можат да го спречат никакви разбојнички чети на српската државна служба, како тие на Јован Девезенски, на Крсто Трговишки, на Ст[ојан] Мишев, на Григор] Циклев и др., ниту војска и насилства какви што Србите извршија и продолжуваат да вршат бидејќи, како што вели Густав ле Бон: „Природните сили не се победуваат, ниту со закони ниту со војска“.
За доказ дека, и покрај разбојничките чети на Девезенски, на Циклев и др., и покрај многуте единици во Македонија, поради што таа земја заличи на воен логор, повторно продолжуваат да се движат слободно четите на ВМРО таму, доволно е да се проследат броевите на кој и да е српски весник во Белград или во Скопје кои мн. често пишуваат за движењето на четата на Лазар Велков во Скопско, на четата на Цветан Спасов во Кумановско и др. Последната – имаше, на 7 март, судир со Србите [?…] во влашките колиби кај с. Нежилово, каде што му нанесе големи загуби на непријателот (В. циркулар Бр. 709 од 10/III [1]924 г., кој се приложува).
По вмешувањето на политиката во Прашкиот процес, очигледно е дека државата заинтересирана за македонското прашање, во ослободителната пресуда на прашките судии, кои не можат да се обвинат ниту за пристрасност ниту за симпатии кон македонското ослободително движење, виде една морална осуда против тиранскиот денационализаторски режим на империјалистичка Србија во борбена Македонија и едно индиректно признание на правото на Македонија да се бори за слобода.
Сите податоци изложени дотука, за постоењето на ВМРО и за неподносливиот српски и грчки терор во распарчена и поробена борбена Македонија и за убиството на Рајко Даскалов, се под целосно вистинити. ВМРО неколку пати ги повикува оние кои од ја оспоруваат вистинитоста или да се согласат на една објективна меѓународна анкета. Меѓутоа, ни Србија ни Грција не сакаат ни да се спомене таква анкета бидејќи знаат дека, во тој случај, ќе се дознае вистината и тие нема да можат да ги држат повеќе во заблуда странците неупатени во македонското прашање.
Ако и по изложеното до овде, почит. суд не се убеди во вистинитоста на кажаното, ВМРО е согласна судот да испрати еден-двајца луѓе од својот состав кои, заедно со некој од макед. чети, ќе ги обиколат сите места низ кои се движел „Николов“-Цицонков, да ја видат планината каде што се одржало наведеното собрание, да ги распрашаат селаните само со фотографијата на Цицонков, измешана со мн. др. фотографии, колку души го познаваат итн. итн., под услов двајцата анкетари претходно да дадат чесен збор дека нема да им издадат на Србите тајни на Организацијата, со што би го изложиле на ризик и без тоа измаченото и прогонувано борбено македонско население.
Уверен дека и овој пат почит[уваниот] Прашки суд ќе го каже својот справедлив збор, останувам
Со почит
Чл. на Цен. к-т на ВМРО:
[потпис] Т. Ал [ександров]
ЦДА, Ф. 1933, ой. 2, а. е. 35, л. 1-5. Койија, ракопис.
За жал меѓународниот притисокот врз прашкиот суд бил преголем.
Цицонков овојпат бил осуден на 20 години затвор, иако обвинителството не успеало да ја докаже неговата поврзаност со Демократскиот заговор.
Јордан Цицонков првично бил во градскиот затвор во Табор, но откако се прошириле информациите за неговото планирано бегство помогнато од ВМРО, тој бил префрлен во строго обезбедуваниот затвор Картузи во Ичин . Таму се обесил на 23 јануари 1926 година.
(Трите документи извадени од збирката на писма и документи на Т.Александров 1919-1924 “Сѐ за Македонија”, издадена во 2005 година, по редакција на д-р Зоран Тодоровски, чие издавање го финансираше ВМРО-ДПМНЕ)