Книжевниот свет на Живко Чинго е богат и сите можни толкувања на неговата проза остануваат отворени и постојано повикуваат на нови читања и толкувања, порачаа на денешното Книжевнo пладне, по повод 30 години од смртта на големиот македонски писател Живко Чинго денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје.
Братислав Ташковски од Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, рече дека Живко Чинго е еден од ретките македонските автори кој што постојано има читачка публика и се одржува во читачка форма во нашата библиотека.
„Мораме да кажеме дека еден од реперите за тоа што е всушност писателското постоење е долгиот живот на книгата. Сите книги на Живко Чинго, посебно оние антологиските „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Големата вода“, се влезени во нашата колективна меморија, кои што живеат и ќе живеат“, изјави Ташковски.
За делото на Чинго зборуваше Весна Мојсова-Чепишевска, а делови од неговото творештво интерпретира актерот Томе Витанов.
Мојсова-Чепишевска рече дека творештвото на Чинго е големо, иако не живее многу долго, а тој се покажал како изразит раскажувач на кратка и долга форма.
„На македонската културна сцена големиот Чинго станува и останува една најпрепознатлива фигура и појава со својата „Пасквелија“. Неговите раскази бликаат од раскажувачка магија која опива. Тој е проза искаена од сензуални бои, специфично градените симболи се ветерот, полето, земјата, но и дрвото, птиците и градината, од која почнува и завршува се. Она што ја прави оваа проза автохтона е оној придушен, ненаметлив и темен хумор, онаа смеа од која сме повеќе тажни, отколку весели. Чинго со своите раскази докажа дека е автор кој загрижено го набљудувал животот и успеал безкомпромисно да го оддржи, она што се одвивало според неговиот љубопитен поглед“, изјави Мојсова-Чепишевска.
Посочи дека мислата и мрачниот хумор на Чинго како одбрана од патетиката доаѓа најмногу во израз секогаш кога од тој живот ќе пукнат нишките на хуманото и разумното, секогаш кога ќе исчезне правдата, кога ќе згасне идеалот, кога ќе зацарува глупоста и незнаењето.
Живко Чинго (1935-1987) е еден од најпознатите раскажувачи, романсиери и драмски автори во македонската книжевност. Негови значајни остварувања се збирките раскази „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Пожар“, „Вљубениот дух“, „Накусо“, „Гроб за душата“, „Бунило“, романот за деца „Сребрените снегови“, романите „Големата вода“ и „Бабаџан“ и драмите „Образов“, „Ѕидот, водата“, „Кенгурски скок“ и „Макавејските празници“. Преведен е на повеќе јазиици и добитник е на повеќе книжевни награди.