8.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Македонија помеѓу верига од промени и борба за достоинство

Кога почнаа да се објавуваат т.н. „бомби,“ јавноста беше шокирана и револтирана од содржината на овие снимки. Македонскиот народ, независно од политичката наклонетост, реагираше со шок и неверување на она што го слушна – тоа не беше поддршка за опозицијата, туку побуна против системот. И не само ова – настаните на „27 април,“ со хаосот и насилството што завладеа во Собранието, влегоа во аналите на македонската политика како еден од најмрачните денови во поновата историја. Обвиненијата за тероризам и изречените затворски казни не само што предизвикаа поделби, туку и го обележија патот на новата власт со горчлива вистина – дека за многумина, правдата не само што беше далечна, туку и недостижна.

СДСМ презеде чекори кои со децении беа непојмливи, прво преку промена на името и договор со Грција, а потоа и преку прифаќање на добрососедски договор со Бугарија. Со ова, Македонија ги отвори вратите за меѓународни партнери како што е ЕУ, со надеж дека европската интеграција ќе стане реалност. Но, реалноста беше друга. И покрај сите направени отстапки и промената на уставното име, Македонија доби нови пречки, овој пат од источниот сосед, Бугарија, која ги користеше нашите аспирации како монета за поткусурување.

Со таква тежина од минатото, СДСМ доживеа катастрофален пораз на последните избори, а ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски го презеде кормилото. Првпат по две децении, ДУИ остана без позиција во владата, ветување кое Мицкоски го исполни. Во првите 100 дена, Мицкоски фокусот го насочи кон домашните проблеми – со подигнување на пензиите и платите, потпишување договори за странски инвестиции, и конкретни ветувања за капитални проекти од значење за локалните заедници. Ова се чекори кои несомнено го враќаат фокусот на домашниот развој.

Сепак, предизвиците не се завршени. Борбата за европска иднина е сè уште во сенка на комплексни односи со соседите, кои наместо поддршка, го користат нашиот пат кон Европа за уценување. Европа, пак, гледа на нас како на регион со нерешени прашања, барајќи да се усогласуваме и прилагодуваме. Иронично, и покрај тоа што промените и компромисите беа еднострано направени од наша страна, ниту сега не сме блиску до толку посакуваната членка во ЕУ.

Владата на Мицкоски има шанса да се фокусира на создавање подобар стандард за граѓаните, но мора да покаже дека води политика со принципи и не се потчинува пред притисокот на соседите. Само така ќе може да остане на овој пат и да ја заслужи довербата што ја доби. Мицкоски успеа да го задржи ветувањето дека нема да има уставни измени под условите кои се моментално на маса, но вистинскиот тест ќе биде дали ќе најде решение за сложената ситуација со Бугарија без да попушти пред несигурни барања.

Во период кога македонскиот народ минува низ голема недоверба кон институциите, потребна ни е влада што ќе ги врати основните вредности и достоинството на граѓаните. Да веруваме дека власта ќе одработи со иста посветеност како досега и дека Македонија нема да биде заплеткана во нови проблеми кои ќе ја држат во бескраен круг на барања и отстапки.

Мицкоски, засега, ја оправдува доверената одговорност и се поставува како лидер што не отстапува од својот збор. Неговата позиција во однос на уставните измени и стратегијата за отпор кон несигурните барања на соседите ја зацврстува довербата кај гласачите дека овој пат Владата навистина ќе се заложи за националните интереси и за стабилна иднина.

Во период кога Македонија се наоѓа пред нови предизвици, ваквиот пристап се наметнува како потребен модел на раководење – лидер кој останува посветен на зборот даден пред народот, не се плаши од притисоци, и притоа поставува стандарди за транспарентност и одговорност.

поврзани објави

Последни објави