Роџер Федерер и Рафаел Надал се враќаат во центарот на вниманието во тенискиот свет со уште едно големо финале сезонава, на турнирот во Мајами, а во меѓувреме, стариот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ полека се губи од фокусот. Тоа предизвика реакција кај неговиот поранешен тренер, легендата на тенист Борис Бекер, да го потсети дека е време да ги земе работите во свои раце.
Ѓоковиќ доби 11 мечеви во 2017 година, но освен трофејот на турнирот во Доха, на почетокот од сезонава, Србинот нема друга титула и е далеку од нивото на кое беше во претходните години. На Австралија опен, Ѓоковиќ беше сопрен уште во второто коло што секако е разочарувачки, а потоа во Индијан Велс беше елиминиран во осминафиналето. И на крај, поради повреда го прескокна турнирот во Мајами на кој Федерер и Надал ќе се борат за титула.
Сето ова го испровоцира неговиот поранешен тренер, Борис Бекер, да му испрати порака на Ѓоковиќ и да го потсети дека е време да се врати во игра и да изигра најдобро што може.
„ Се надевам дека ова го гледа мојот човек Новак Ѓоковиќ. Време е да ги исчистиш совите патики, да го поправиш рекетот и да се вратиш на работата што најдобро ја знаеш“, напиша Бекер на својот Твитер профил.
Според најавите, Ѓоковиќ на терен треба да се врати следната недела во настапот за Србија против Шпанија во Дејвис купот. А, потоа го очекува настапот на Мастерс турнирот во Монте Карло.