Невиденото злосторство што се случи во Цетиње, кога Ацо Мартиновиќ уби 12 и тешко рани четири лица, го потресе регионот. Денеска ќе бидат погребани жртвите на масовниот убиец, а улиците на градот под Ловќен, кои вчера по оддавањето почит беа целосно празни, денеска се исполнети со луѓе уништени од злосторството.
Но, додека многу семејства тагуваат, завиени во црно, има и такви кои се благодарни, затоа што во последен момент го избегнаа масакрот, од чиста среќа.
Едно од нив е семејството на Тања од Цетиње, која за Курир раскажува за тоа што се случило во меаната на смртта.
– Мојот сопруг ја избегна смртта од чиста среќа, бидејќи тој ден отишол во тој локал, седел со сите тие луѓе, вклучувајќи го и убиецот, а неколку минути пред злосторството, нарачал пиво, го испил брзо и си заминал бидејќи видел дека нешто чудно се случува. Тој заминал од таму, а потоа во 17:25 часот ја известил полицијата дека се слушнале истрели. Во шок сме, многу ми е тешко да зборувам за тоа, бидејќи мојот сопруг секој ден го посетуваше тој локал, раскажала Тања за српски Курир, видно потресена од настанот, но и благодарна што нејзиното семејство останало на број.
Инаку, Ацо Мартиновиќ (45) од Цетиње, кој во тој град уби 12, а рани четворица, во 2005 година добил условна казна за насилничко однесување.
Полицијата и претходно забележала асоцијално однесување кај него и побарала психијатриско вештачење. На Мартиновиќ тогаш му била препишана терапија во Здравствен дом, но не бил упатен во специјализирана здравствена установа.
Деветгодишниот Вукан и неговиот петгодишен брат Јован Вулетиќ се најмладите жртви на масовното злосторство во Цетиње, извршено од Мартиновиќ (45). Во крвавиот пир убиен е и чичкото на децата, Мирко Вулетиќ (45).
Полудениот Ацо Мартиновиќ уби четворица членови на едно семејство – Радован и Радмила Мартиновиќ и нивните синови, близнаците Милош и Марко Мартиновиќ. Во куќата на Мартиновиќ тешко е ранета и сопругата на Марко, Марија (38).
Меѓу жртвите се Радомир Марковиќ (70), Јошо Оташевиќ (55), Бранислав Мудреша (60), Драгана Драшковиќ (53) и сестрата на убиецот Зорица Вулетиќ.