Oд 15 јуни корисниците на мобилни телефони кои патуваат во други земји од ЕУ, ќе можат да воспоставуваат телефонски повици, да испраќаат текстуални пораки или да користат интернет без да плаќаат дополнителни трошоци.
Последното барање за укинување на давачките за мобилен роаминг беше исполнето денеска со усвојувањето на правниот акт, со кој се определуваат граничните такси кои операторите можат да ги наплатат едни со други за да е активен роамингот во цела Европа, соопшти Советот на ЕУ.
„Со денешното гласање во Советот се откри патот кон воведување на бесплатен роаминг“, изјави министерот за конкурентност, дигитализација и морски прашања на Малта, Емануел Малија.
„Кога европските граѓани ќе отидат на одмор ова лето, ќе можат да се радуваат на слободата да останат поврзани и да го користат интернет на ист начин како дома“, коментира тој, цитиран во соопштението.
Бидејќи Европскиот парламент веќе ја одобри регулативата за големопродажните цени на меѓународните разговори на 6 април, денешното зелено светло од страна на Советот е последниот правен чекор пред текстот да биде потпишан од двете институции во средината на мај и објавен во Службениот весник на ЕУ до крајот на мај. Законодавниот акт ќе влезе во сила три дена по неговото објавување. Тоа значи дека крајниот рок 15 јуни 2017 година ќе биде запазен и роамингот веќе нема да се наплаќа.