Апелацискиот суд во францускиот град Колмар го одби барањето на Србија за екстрадиција на лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај
Според одлуката на судот во Колмар, Харадинај е ослободен и е укината забраната за негово напуштање на Франција, така што тој во рок од 24 часа може да се врати на Косово. Србија повеќе нема право на жалба на одлуката на францускиот апелациски суд, кој не даде образложение за одлуката, јавуваат светските новински агенции.
Харадинај на 4. јануари беше приведен на територијата на Франција, врз основа на меѓународниот налог за апсење издаден од Србија поради обвиненија за извршени воени злосторства за време на војната на Косово во 1998 и 1999 година.
Во меѓувреме претседателот на Албанија, Бујар Нишани потпиша указ со кој им додели државјанство на Харадинај и на неговата сопруга Анита, по што медиумите шпекулираа дека и Албанија ќе побара негова екстрадиција.
На Харадинај му беше судено и во два процеса во Хашкиот трибунал за воени злосторства на Косово, но во 2012 година беше ослободен од сите обвинувања.