6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Вајгл, Кукан и Флекенштајн: Очекуваме влада за две недели, одложувањето ќе има последици

Членовите на Европскиот парламент Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои што се медијатори на договорот од Пржино, во заедничка изјава испратена денеска го повикуваат Ѓорге Иванов да ја почитува волјата на парламентарното мнозинство и повикаа на политичка и кривична одговорност за настаните во Собранието од четвртокот.

„Повеќе од две години се ангажиран од страна на Европскиот парламент на олеснување на политичкиот дијалог и поддршка на демократскитот пат за излез од кризата. Го поздравуваме фактот дека преку парламентарната демократија, рефлектирајќи го парламентарното мнозинство беше избран нов спикер на Собранието, господинот Талат Џафери. Ја изразуваме нашата поддршка и се надеваме дека новиот спикер ќе почне веднаш да работи во интересот на државата и македонските граѓани“, се вели во заедничката изјава на тројцата европратеници.

Тие го осудија насилството во Собранието и нападот врз пратениците, за што сметаат дека претставувало напад врз демократската волја на граѓаните на Македонија.

„Како што разбравме, новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека Парламентот бара од него да ја преиспита својата позиција и да прифати дека на лидерот на мнозинството треба да му биде овозможено да формира влада без натамошно одлагање. Очекуваме ова да доведе до назначување на нов премиер во наредните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на Парламентот и да престане со опструкциите на демократските процеси и желбата на граѓаните на земјата за крај на кризата“, стои во изјавата на европратеничката тројка.

Тие во заедничката изјава потенцираат дека „натамошните одложувања на формирањето на новата влада ќе има неизбежни последици“.

„Ги споделуваме желбите на граѓаните на Македонија да го видиме крајот на актуелната криза. Неможноста за формирање на влада во следните две недели ќе претставува неуспех за политичките лидери на земјата да ги исполнат желбите на своите граѓани. Уште еднаш му препорачуваме на Европскиот парламент гласањето за извештајот за земјата за 2016 да се одложи во исчекување на развојот на настаните во наредните две недели“, ја завршуваат заедничката изјава тројцата европратеници.

поврзани објави

Последни објави